Dream Killers победници на програмерскиот маратон Codefest

19

codefest

Студентите од ФИНКИ Васко Теохаров, Христиан Илиоски, Симеон Здравески и Никола Кусибојски обединети во екипата Dream Killers се победници на програмерскиот маратон Codefest што викендот се одржа во Охрид, пишува Миа.

Тие беа најдобри во силна конкуренција од 54 тимови програмери од целиот свет што учествуваа на 32-часовниот маратон во програмирање, во кое разработуваа свои креативни идеи и решенија во областа на информатиката.

Годинешниот четврти по ред Codefest се одржа со проширена агенда, на која покрај натпреварувачкиот дел имаше и научна конференција, како и саемски дел на кој се презентираат познати брендови од областа на информатичката технологии.

Во Охрид беа присутни и претставници на повеќе акцелератори и инвеститори подготвени понатаму да работат со најдобрите екипи од маратонот по програмирање, но и да инвестираат во најдобрите идеи.

Што се однесува на конференцискиот дел од Codefest, свои презентации ќе имаат 24 предавачи односно експерти од повеќе области како технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и инвестиции.

Codefest е дел од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), која е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact,  во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.