Дроновите можат да им помогнат на земјоделците со наводнување и справување со болести на насадите

186
darko
Дарко Божиноски, основач на Agriculture Drones MK, студент на докторски студии по информатика

Дарко Божиноски е иноватор од Македонија, еден од 102-та полуфиналист на GIST Start Up Boot Camp, каде аплицираше со идејата Аgriculture Drones MK. Ако влезе во финалето на Global Entrepreneur Summit, што во јуни ќе се одржи во САД, ќе може идејата да ја презентира пред потенцијални инвеститори. Учесник е на интернационални ИТ натпревари и добитник на повеќе награди.

БИ: Која е вашата идеја со која влеговте во полуфинале на GIST Start Up Boot Camp и сте потенцијални учесници на Global Entrepreneur Summit што во јуни ќе се одржи во САД, каде ќе можете да ја презентирате пред потенцијални инвеститори? Каков проблем очекувате да им реши оваа идеја на земјоделците?

Идејата со која учествувам во полуфиналето на GIST Start Up Boot Camp произлегува од работата на мојата докторска дисертација и се нарекува Аgriculture Drones MK. Tоа е решение кое се состои од земјоделски дронови кои имаат за цел да им помогнат на земјоделците во нивната работа за подобар менаџмент со наводнувањето и справувањето со болести со насадите. Сервисите што ги нудиме се следниве: Мониторинг на област, Прскање на област со пестициди/инсектициди, Наводнување на област.

Целта е со користење на концептот наречен “precision agriculture”, којшто преставува нов земјоделски пристап, да се креираат детални мапи кои ги прикажуваат критичните области во насадите каде е потребно да се обрне дополнително внимание. Тоа ќе овозможи навремен и поефикасен преглед на насадите со што ќе се овозможи зголемување на профитот кај земјоделците.

Тимот од Италија со кој работам заедно на мојата докторската дисертација, имаат добиено грант со којшто работат на софтвер FLYAQ, кој ќе овозможи луѓе кои не се експерти во работата со дронови да извршуваат најразлични задачи. Мојот концепт е базиран на нивната open-source плафторма за планирање на мисии на дронови. Со нивната платформа на графички начин се креира задачата што би сакале дронот да ја изврши, од којашто потоа автоматски се генерира детален план за летот на дронот. По стартувањето, дронот го следи генерираниот план за лет.

БИ: Дали сте ги пробале дроновите на терен?

Да, голем дел од мојата докторска дисертација се состои од работа со дронови. Со тимот со којшто работам во Италија моментално имаме тестирано различни дронови кои треба да извршат различни мисии за одреден временски период. Мисиите имаат најразличен карактер и се во зависност од карактеристиките и својствата кои ги поседува дронот.

thumbnail_agricultural-drone

БИ: Какво е вашето согледување, колку се подготвени македонските земјоделци да користат дронови и нови технологии?

Според мене, различни категории на земјоделци имаат различна подготвеност да користат дронови и нови технологии и тоа најчесто зависи од возраста. Според тоа, најчесто постарите земјоделци се помалку склони кон адаптација. Поради тоа, при креирањето на идејата мојата стратегија беше земјоделците да имаат право на избор како да го користат овој продукт. Тие што мислат дека не би можеле да се справат со користењето на графички приказ за креирање на мисиите на дронот, да го користат овој продукт како сервис за одреден годишен надоместок. Тоа подразбира доколку земјоделецот ги користи нашите услуги, ние ќе испратиме личност што има техничко познавање, со наша опрема која ќе му помогне на земјоделецот да ги изврши потребните задачи. Втората опција подразбира купување на целата опрема, а земјоделецот сам да ги изврши потребните задачи.

БИ: Какви се вашите очекувања и планови за понатаму?

Во првата фаза се фокусираме главно на креирањето на првиот прототип и негова валидација. Во оваа фаза, би сакале да воспоставиме соработката со владини и невладини организации кои би ни помогнале со тоа. Во Македонија има неколку иницијативи за земјоделци поддржани од вакви организации како на пример иницијативата на USAID – Grow More Corn, така што ваквата соработка би помогнала доста во подобрувањето на продуктот. Дополнително, oчекувам поддршка и соработка од Mинистерството за земјоделство. Во соработка со министерството за земјоделство мислам дека би можеле да го преставиме овој продукт како иницијатива за зголемување на приносите кај земјоделците. Во натамошните фази би се фокусирале прво на големите земјоделски компании во Македонија, а потоа и на помалите земјоделски претпријатија и индивудиалните земјоделци.

Да му помогнеме на Дарко да стане еден од 30-те финалисти! Гласајте за идејата на Дарко на следниот линк: http://www.gistnetwork.org/content/tech-i-semi-finalists-voting

Гласањето е отворено до 1 мај 2016 година.