Државата ќе ги покрие трошоците ако наш граѓанин се најде болница поради Ковид-19 во Албанија или во Србија

24

Доколку наш граѓанин со Ковид-19 се најде во болница во Србија или во Албанија, тие земји ќе го преземат трошокот за лекување, стои во Меморандумот што денеска го потпишаа премиерите на Македонија, Србија и на Албанија, Зоран Заев, Ана Брнабиќ и Еди Рама, како и српскиот претседател Александар Вучиќ. Истото важи и за Србите и Албанците кои би се нашле во таква ситуација во Македонија. Во меморандумот исто така се наведува дека граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе ги минуваат границите без ПЦР-тестови.

Меморандумот предвидува и министрите за здравство и лекарите од трите земји да соработуваат и да разменуваат искуства во борбата со коронавирусот.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Македонија, Албанија и Србија веднаш ќе почнат да работат на координација околу обезбедување вакцина против Ковид-19 за нашите граѓани.
“Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да треба да плаќа од свој џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на наша територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување и на поткрепа која си ја даваме меѓусебно”, рече Заев.
Фото: Pixabay