Државата – сè уште најпосакуван работодавач?

23

Во земјава функционираат вкупно 1.314 институции под “капата“ на државата, во коишто се вработени 132.068 лица, покажуваат податоците на Министерството за информатичко општество и администрација, за минатата година. Во однос на 2017 година, бројот на вработени во институции од јавниот сектор е зголемен за 3.346.

Како основачи на институциите во јавниот сектор се јавуваат: Собранието, Владата, Градот Скопје и единиците на локалната самоуправа. Од нив, на најголем број субјекти (788) основачи се општините и Град Скопје, потоа следи Владата со 428 институции.

Според дејноста, најголем дел од јавните институции (545) се занимаваат со образование, потоа следат: култура (117), труд и социјала (116), комунални работи (114), здравство (113)…

Во Собранието работат 287 лица, во јавните претпријатија 990, во регулаторните тела 373 и во самостојните државни органи 784 вработени.

Кога станува збор за министерствата во Македонија, таму се вработени вкупно 4.808 лица. Министерство со најмногу вработени (977) е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Потоа, следи Министерството за одбрана со 779 вработени и Министерството за финансии со 651 вработен.

Во земјава има вкупно 137 јавни претпријатија, од кои 114 се занимаваат со комунална дејност, осум со земјоделие, четири се транспорт, две од дејноста информирање, едно за информатичко општество и осум за други дејности од јавен интерес.

Јавните установи во Македонија имаат најголем број на вработени, 66.893 лица, кои се поделени во три групи: јавни службеници, даватели на јавни услуги и помошно – технички лица. Во јавните претпријатија има 18.201 вработено лице поделени, исто така во три групи.

Од вкупно 112.164 вработени во јавниот сектор (од податоците погоре и овие исклучени се Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнавање. Од таа причина фигурираат 112.164 вработени, наместо 132.068), жени се 60.593, односно 54,02%, додека мажи се 51.571 или 45,98%.

Во однос на образованието: 347 од вработените во јавниот сектор се без образование, 118 се полуквалификувани, 225 се квалификувани, 10.015 се со основно образование, 38.373 се со средно образование, 4.682 се висококвалификувани, 1.069 се со вишо образование, 50.301 се со високо образование, 5.053 се магистри и има 1.981 доктор на науки.

Од друга страна, македонската статистика за минатата година покажува дека од вкупно 759.054 вработени, 586.364 се во приватниот сектор, а остатокот ќе отпадне на вработени во државна администрација и компании од мешана сопственост (државна и приватна).

Во приватниот сектор, индустрија што вработува најмногу е преработувачката, на којашто отпаѓаат 149.214 вработени. Потоа следи секторот земјоделство, шумарство и рибарство, каде што се вработени 115.556 лица. Во секторот трговија на големо и трговија на мало се ангажирани 108.726 вработени. Четврти сектор којшто вработува најмногу е градежништвото со 54.361 вработен.

Јавниот или државен сектор, по дефиниција, претставува оној сегмент од државата што се занимава со производство, испорака и распределба на стоки и услуги за владата и нејзините граѓани. Активностите во јавниот сектор може да бидат: социјално и пензиско осигурување, национална одбрана, здравство, законодавство, образование… Дел од овие активности се финансираат директно од буџетот, дел преку јавни претпријатија и претпријатија со мешана сопственост (државна и приватна).

Од друга страна, приватниот сектор го сочинуваат сите поединци и компании, чија основна цел е создавање на профит.

Фото: Pixabay