Државниот завод за ревизија ревидирал околу 130 милијарди денари јавни приходи

19

Државниот завод за ревизија минатата година ревидирал приближно 130 милијарди денари јавни приходи и 63 милијарди денари јавни расходи. Лани се извршени 103 ревизии при што се опфатени 170 субјекти, стои во Годишниот извештај за работата на Заводот.

Во 137 ревизорски извештаи се констатирани 1.146 слабости за чие надминување се дадени препораки.

Ревидирани се и сите политички партии, освен оние со приходи до 2.500 евра кои не се обврзани за изготвување финансиски извештаи.

“Од извршените ревизии, 93 се на финансиски извештаи заедно со ревизии на усогласеност, три се тематски, а седум се однесуваат на успешност. Издадени се 155 ревизорски извештаи од кои 145 за финансиска ревизија, три за тематска и седум за ревизии на успешноста“, рече денеска главниот државен ревизор Тања Таневска.

Минатата година во Државниот завод за ревизија се вработени 91 лице од кои 80 се ревизори, а од 73 поседуваат уверение за овластен државен ревизор. Во однос на образованието, повеќето се економисти, правници, од областа на информатичката технологија и други струки.

Вкупниот буџет на Државниот завод за ревизија во 2013-та бил 90,616 милиони денари, преку 90% обезбедени од Централниот буџет, а останатите се сопствени приходи.