DS Automobiles објави тизер и го најави својот нов модел

41

PSA групацијата веќе подолго време подготвува нов седан модел за брендот DS Automobiles, а резултатот би можел да биде познат за неколку дена.

DS Automobiles за 24 февруари ја најави претпремиерата на својот нов сериски модел, но освен тизер видеото, не се објавени никакви други информации и детали. Сепак, дел од медиумите низ Европа претпоставуваат дека станува збор за седан автомобилот DS 9 кој минатата година беше уловен во Кина без никаква камуфлажа.

Доколку овие најави бидат точни, тоа значи дека DS 9 е базиран на продолжениот Peugeot 508 L, кој веќе се нуди на пазарот во Кина, при што DS 9 доби изменет преден и заден дел. Имајќи го сето ова во предвид, и димензиите на DS 9 би требало да бидат слични со споменатиот модел на Peugeot, што подразбира должина на возилото од 4933 милиметри и меѓуосовинско растојание од 2895 милиметри.

Иако подолго време се говори дека лимузинските изведби немаат перспектива, односно дека побарувачката за SUV модели е преголема и целосно ќе ги исфрли од пазарот, сепак ваквите автомобили се уште не се исчезнати, особено не кога станува збор за премиум сегментот. Очигледно е дека DS гледа простор во оваа класа и за себе, па решени се тука да влезат во „клинч“ со германската тројка. На тизерот со кој е најавена премиерата може да се види изгледот на предниот дел од автомобилот.

Од DS истакнуваат дека главни ривали на нивната нова лимузина се Mercedes E класа, BMW Серија 5 и Audi A6.

DS ќе го претстави и новиот концепт

Јасно е дека овој DS седан ќе ја преземе филозофијата со голема предна решетка, а со вака поставената светлосна група, предниот дел од автомобилот навистина делува атрактивно. Деталите за новиот седан, како што напоменавме, не се познати, но кога станува збор за архитектурата, наводно би требало да биде EMP2 кој се користи и кај Peugeot 508. Останува да се види кои мотори PSA ќе ги намени за DS Automobiles, односно кои агрегати ќе бидат достапни за новиот автомобил, но се очекуваат 1,6-литарскиот турбо бензинец со 200 КС, како и E-Tense plug-in хибридната верзија.

Исто така, дел од стандардната опрема по се изгледа ќе ја сочинуваат и 12,3-инчната дигитална инструмент табла и 10-инчниот екран чувствителен на допир кој е наменет за инфозабавниот систем.

Исто така треба да се напомене дека DS Automobiles два дена по претпремиерата на 24 февруари ќе одржи промоција и на новото концептно возило, но ниту за ова не се објавени повеќе детали. Наведено е само дека станува збор за софистициран и технички напреден концепт со кој ќе се одбележи почетокот на новата ера.

Новиот француски седан ќе се најде во продажба до крајот на тековната година, а како главни пазари се истакнуваат Европа и Кина. Премиерата за јавноста на двата модели ќе се одржи на Саемот во Женева.

Преземено од Avtoplus. mk