
Американските акции пораснаа на ново рекордно високо ниво, додека цените на нафтата нагло паднаа откако Иран соопшти дека Ормутскиот теснец е „целосно отворен“ за комерцијален бродски превоз како дел од прекинот на огнот со Израел и Либан.
Оваа одлука ја објави иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Арагчи, на платформата X, наведувајќи дека поморскиот сообраќај се одвива по координирана рута, како што претходно беше дефинирано од страна на Иранската организација за пристаништа и поморство.
Нафтените пазари реагираа на веста со пад на цената од околу десет проценти. Суровата нафта Брент падна на 89,48 долари за барел, додека американскиот WTI падна за 11 проценти на 84,06 долари,. Утрово нафтата Брент се тргува по цена од 90,38 долари за барел, додека американската ВТИ за 83,85 долари за барел.
Во исто време, главните американски индекси силно пораснаа, при што „Дау Џонс“ скокна за околу 500 поени, а S&P 500 го продолжи својот раст и се приближува кон 12-дневна победничка серија.
Аналитичарите проценуваат дека одлуката за отворање на Ормутскиот теснец отстрани еден од главните ризици за глобалните пазари, што во последните недели предизвика загриженост поради можни прекини во снабдувањето со нафта од Блискиот Исток, објавува „Бизнис инсајдер“.
Сепак, некои експерти предупредуваат дека инфлациските притисоци би можеле да траат, со проценка дека обновувањето на изгубените енергетски капацитети во регионот би можело да потрае со години.
Сепак, инвеститорите реагираа брзо враќајќи се на поризични средства, особено на технолошките акции кои претходно беа под притисок поради геополитичките тензии и загриженоста околу вештачката интелигенција.











