ДЗС: Индекси на трошоците на животот според COICOP и цени на мало

33

Индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.0, а индексот на цените на мало 100.4, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Индексот на трошоците на животот во август 2015 година е на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст е забележан кај свежиот зеленчук за 2,7%, свежото овошје за 1,7%, сувомеснатите производи и рибата за 0,6%, сувото овошје и безалкохолните пијалаци за 0,3%, трајните колбасичарски производи, свежото млеко, замрзнатиот зеленчук и кондиторските производи за 0,2%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај авионскиот превоз на патници за 31,4%, цврстите горива и пијалаците во рестораните за 0,8%, исхраната во рестораните за 0,5%, услугите за одржување и поправки на станот, електричните апарати – мали, услугите за лична хигиена, средствата за лична хигиена и накитот и часовниците за 0,2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во споредба со претходниот месец , е забележано кај јајцата за 1,9%, производите од жито за 1,7%, конзервираните месни производи за 0,8%, другите неспомнати прехранбени производи за 0,5%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4%, свежото месо и преработките од млеко за 0,2%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 10,7%, услугите за сместување за 4,4%, течните горива и мазива за 3,6%, обувките за 1,7%, гасот за домаќинствата за 1,0% и централното греење за домаќинствата за 0,2%.
Индексот на трошоците на животот во август 2015 година, во споредба со август 2014 година, бележи пораст од 0,1%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0,8%.