ДЗС: Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија и соседните земји

13

freight-17666_960_720Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 54.222.640 илјади денари и бележи пораст од 23,6 % во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 69.967.634 илјади денари, што е за 16,8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 15.744.994 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 77,5 %. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија.

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 880.411 илјади евра и бележи пораст од 23,6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 1.136.186 илјади евра, што е за 16,8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 255.776 илјади евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 1.082.388 илјади САД долари и бележи пораст од 42,9 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.395.820 илјади долари, што е за 34,9 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари 2018 година, изнесува 313.432 илјади долари.