ДЗС: Намален бројот на издадени дозволи за градба во споредба со лани

23

Фото: Pexels

Во март 2018 се издадени 211 одобренија за градење, што е за 45,1 % помалку во однос на истиот месец од претходната година, објави Државниот завод за статистика

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1.678.288 илјади денари, што е за 76% помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во претходниот период беше издадено одобрение за градење на магистралниот гасовод – делница 2, Неготино (Кавадарци) – Битола.

Од ДЗС информираат дека вкупниот број издадени одобренија за градење, 119 (56,4 %) се наменети за објекти од високоградба, 35 (16,6 %) за објекти од нискоградба и 57 (27%) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 211 објекти, на 116 (55%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 95 (45 %) објекти инвеститори се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 342 станови со вкупна корисна површина од 27.398 м2 .