ЕЦБ: Инфлациските очекувања на граѓаните на еврозоната за следната година се намалија на 2,6 проценти

Граѓаните на еврозоната очекуваат просечната инфлација во следните 12 месеци да изнесува 2,6 проценти, што е пониско од декемвриските 2,8 проценти и најниска бројка за последните шест месеци, е заклучокот од јануарската анкета на Европската централна банка (ЕЦБ) објавена денес.

Испитаниците очекуваат нивниот номинален приход да порасне само за 1,2 проценти во истиот период, што е зголемување во споредба со декемвриските 1,1 проценти, но сепак не е доволно за да се покрие предвиденото темпо на раст на инфлацијата.

Очекувањата за инфлацијата за следните три години се стабилни на 2,6 проценти, додека просечните очекувања за инфлацијата за петгодишниот период се намалија од 2,4 проценти на 2,3 проценти.