Ефективна внатрешна комуникација – како да станете подобар слушател

83

DSCN0176Ефективна внатрешна комуникација беше темата на вториот тренинг на Top Class Plus програмата, генерација пет, на CEED Македонија што се одржа вчера. Тренингот го водеа Дејан Лилиќ, актер и директор на Македонскиот народен театар и Даниела Блажевска, доцент на Правниот факултет, на студиите по новинарство, медиуми и комуникации.

Ефективната внатрешна комуникација се однесува на организациската комуникација или на тоа како би требало подобро да се комуницира внатре во компаниите. Менаџирањето не се остварува на ниту еден друг начин освен преку комуницирање, а еден од главните елементи на комуникацискиот процес е слушањето.

“Активното слушање и давањето и восприемањето фидбек е нешто што е исклучително важно, а што луѓето најчесто го потценуваат. Мислат дека комуникацијата е во говорењето, а суштината е дека пред се комуникацијата е во слушањето. Тогаш кога добро ќе слушате, ќе знаете и што треба да прашате и што треба да одговорите”, рече Блажевска на тренингот.

Со учесниците во програмата беа разработени вежби и разгледувани примери како да се подготви и да се води ефективен состанок, како да се препознаат и како да се справиме со “проблематичните” карактери, како да се инспирираат, поттикнуваат, мотивираат и наградуваат вработените и како да се стане подобар слушател.