Ефективност и ефикасност на работното место

364

mehanizam

Фото: Pixabay

Често слушаме од претпоставените дека треба да се работи поефективно и поефикасно, па колку и да се трудиме, не успеваме да го постигнеме тоа. Постојат совети и на страната на работникот, но и на страна на претпоставениот, за зголемување на ефикасноста и ефективноста, па еве неколку од нив.

За претпоставените:

  1. Поставувајте реални и остварливи цели. Целите мораат да бидат така поставени да одговараат на вештините и знаењата на вработените, со што истите би биле остварени, без притоа да се наиде на препреки кои би создале незадоволство или фрустрација.
  2. Време. Времето за задачите мора да биде доволно истите да бидат реализирани, без притоа да се вложат натчовечки напори. Секој напор кој го надминува човечкиот напор или потенцијал на краток рок дава резултат, но на подолг рок предизвикува исцрпеност, нервоза, зголемување на степенот на грешки или целосно промашен исход.
  3. Пауза. Не им ја земајте паузата на вработените, тоа е единствено време кое можат да си го посветат себеси, одморат и соберат енергија за остатокот од работниот ден. Половина час пауза може да го скрати извршувањето на задачата и за час-два, како и да го зголеми степенот на задоволство од работните услови.
  4. Работникот по природа е вреден. Често претпоставените сметаат дека доколку постојано не се “туркаат” со сила да работат вработените, задачите ќе останат неисполнети. Вработените сакаат да работат, но истовремено сакаат да бидат почитувани и им се укаже доверба дека се способни и волни за задачите кои им се зададени.
  5. Притисок. Важно е да запомнат претпоставените дека не е потребен екстремен притисок однадвор кога станува збор за работата, бидејќи одговорниот и совесен работник чувствува притисок одвнатре во функција на навремено извршување на задачата и дури често се револтира кога и по неколку пати бива потсетен на задачата и рокот за нејзино исполнување.
  6. Проверка и контрола. Пожелно е претпоставениот да прави минимална проверка на завршената задача, а поголемиот дел да биде оставен на вработениот. Така, вработениот убаво и неколку пати ќе го провери направеното, пред да го предаде на претпоставениот. Со тоа се смета поодговорен и ќе сака да ја оправда доделената одговорност. Наместо надворешна, препорачлива е внатрешна точка на контрола, односно самоконтрола, која ја негува и надградува вработениот.
  7. Награда. Често слушаме дека не треба да се очекува награда за успешно завршената работа, бидејќи истата стои во опис и попис на работното место. Зошто тогаш се наградуваат менаџерите по истиот тој основ? А, кога ќе се случи грешка, лесно се посегнува по казната како алатка за санкционирање. Правило – ако не постои награда, тогаш не треба да постои ни казна како редовна алатка, освен при потешки прекршувања на работната дисциплина и ред.

За вработените:

  1. Работна дисциплина. Основно за да постои ред во една компанија е негувањето на работна дисциплина, со што би се избегнал хаосот и неуспехот. Дисциплината мора да ја практикува секој вработен и не треба да чека некој да ја пропише, но таа е очекувана уште со самиот влез во организацијата.
  2. Целосен ангажман и посветеност. Работното место е местото каде се придонесува кон националното богатство, а не место каде исклучиво вработените се дружат и ја споделуваат приватноста. Иако тоа е поврзано со менаталитетот, треба да се надмине праксата на повеќе зборување, а помалку работење.
  3. Надградба. Вработените постојано мораат да се надградуваат и ги збогатуваат интелектуалните и физички капацитети, бидејќи тоа е предуслов за соочување со нови задачи и предизвици. Ако компанијата нема организирано структура во таа насока, пожелно е самоиницијативно и надвор од работното место да го прават тоа, без никој да им каже.
  4. Споредба со еднаквите. Често вработените се споредуваат со еднаквите на себе, па сметаат дека се неадекватно наградени, а работат повеќе од другите. Оставете им го тоа на менаџерите, тие гледаат и кога – тогаш ќе го вреднуваат Вашиот труд. Во спротивно, само можете да ги влошите односите со колегите.
  5. Ред и функционалност. Многу често недоволно средените и несистематски подредени документи ја отежнуваат работата и го одложуваат времето на реализација. Затоа, постојано настојувајте да имате средена работна маса, плакари и останати делови од канцеларијата, како веднаш и без одлагање би пристапиле кон бараниот документ.
  6. Озборување. Е ова е горчлив проблем, кој ретко изостанува во некоја организациона единица. Настојувајте да си ја гледате својата работа, а не на колегите и без оглед на задоволството да се озборува некој друг, гледајте си ги сопствените работи и проблеми. Така ќе оставите повеќе време за работа, а помалку за зборување.