Со околу 80 милиони евра Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе влезе во финансирањето на Пречистителна станица за отпадни води Скопје. Од овие средства околку 10 милиони ќе бидат грант средства од ЕИБ. Со овој проект ќе се изгради и операционализира станица за третман на отпадни води, која ќе опслужува преку 650.000 жители од град Скопје. Финансирањето на овој крупен инфраструктурен проект, како и неколку други идни проекти беа дискутирани на средбата помеѓу делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и потпретседателот на ЕИБ Ендру МекДауел, за време на Годишните средби на групацијата Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кои се одржуваат во Вашингтон.
Министерката за финансии Ангеловска истакна дека ЕИБ е посветен партнер во развојот на земјата, со тековно инвестициско портфолио од 185 милиони евра во јавниот сектор. Таа посочи дека ЕИБ инвестира во проекти кои го забрзуваат економскиот раст во земјава, преку поддршка на секторот на мали и средни претпријатија, но и инвестирање во крупни инфраструктурни проекти.
Вкупната вредност на Проектот за изградба на Пречистителна станица Скопје е 136 милиони евра, од кои остатокот ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се очекува договорите со меѓународните финансиски институции за финансирање на Пречистителна станица за отпадни води Скопје да се потпишат до крајот на годинава.
На состанокот беше зборувано и за одобрување на дополнителни 50 милиони евра за Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија, како резултат на успешно спроведување на тековниот проект, чија вредност е 50 милиони евра.
Од страна на ЕИБ беше изразена и подготвеност за финансирање на третата делница на железничката пруга на Коридорот VIII, односно од Крива Паланка до Деве Баир. Делницата е во должина од 23,4 километри, а во финансирањето на истата освен ЕИБ би учествувале и ЕБОР, а исто така би се искористиле и средства од ИПА фондовите.
Од страна на МекДауел беше изразено задоволство од реализацијата кредитната линија за мали и средни претпријатија во висина од 100 милиони евра, од која досега се повлечени 44 милиони евра евтини кредити