ЕК: 70 милиони евра за набавка на вакцини за земјите од западен Балкан

38

Европската комисија одобри пакет помош од 70 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош за финансирање на набавка на вакцини против коронавирусот за земјите од западен Балкан.

Бесповратните средства се наменети за покривање на трошоците за вакцини и опрема за вакцинирање за приоритетните групи од населението. Со тие средства, земјите од западен Балкан ќе можат да набават вакцини од шест производители со коишто Комисијата потпиша договор во име на земјите членки.

“ЕУ во текот на пандемијата покажа дека земјите од западен Балкан ги третира како привилегирани партнери. Продолжуваме во тој дух и во случајот со вакцините за да се обезбеди брз почетокот на вакцинација на критичните групи“, вели Оливер Вархели, претставник за проширување на ЕУ.

Комисијата заедно со Европскиот центар за контрола и превенција на болести, исто така, му помага на западен Балкан во изработка на стратегија за кампања за вакцинирање.

Владата на Северна Македонија го поздравува денешното усвојување на пакетот од 70 милиони евра во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) за финансирање на пристапот на земјите од Западниот Балкан со вакцини против КОВИД-19, набавени од земји членки на ЕУ од страна на Европската комисија.

“ЕУ е нашиот најважен и најблизок пријател во сите фази на пандемијата. Ја поздравуваме одлуката да се обезбедат 70 милиони евра за да се покрие трошокот за вакцини за приоритетните групи, како и опрема потребна за да се изврши вакцинацијата. Имајќи предвид дека вакцинирањето во земјите членки започна викендов, ќе следат засилени напори и координирање што треба да овозможат итен пристап до вакцини за Западниот Балкан како клучен исчекор кон завршување на пандемијата“, рече вицепремиеот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.

Фото: Freepik