ЕК ќе ја казни Хрватска поради отпадот?

14

hr otpadХрватска може наскоро да добие пенали од Европската Комисија затоа што не ја намали за една четвртина количината на биоразградлив отпад, предупредуваат експертите. Хрватска се обврза дека до крајот на 2013 година за една четвртина ќе го намали биоразградливиот отпад во својот комунален отпад, што требаше да го направи една година претходно според сопствениот План за управување со отпад.

Експертите и управата се согласуваат дека оваа цел за еден месец не може да се постигне. Од министерството за заштита на животната средина имплицитно признаваат дека целта нема да биде остварена и велат дека за остварување на оваа обврска, требало да биде воспоставен функционален систем за управување со отпад пред многу години, пишуваат хрватските медиуми.

Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина од 2007 година, биоразградливите состојки сочинуваат скоро 70% од комуналниот отпад во Хрватска, што е малку повеќе од еден милион тони, од кои само незначително мал дел се рециклира.

Со распаѓање на биоразградлив отпад се произведува метан кој сочинува околу 3% од вкупната емисија на стакленички гасови, но според проценките на експертите, има 72 пати поголемо влијание на актуелното глобално затоплување од јаглерод диоксидот. Поради тоа ЕУ со Директива за отпад ги обврза членките до 2016 година за 35% да ја намалат количината на биоразградлив отпад во комуналниот отпад.