ЕК прогнозира македонскиот БДП годинава да се “лизне“ за 4,9%

28

Бруто домашниот производ (БДП) на Македонија оваа година, според проценките на Европската комисија (ЕК) се очекува да се намали за 4,9%. ЕК предвидува дека следната 2021 година, БДП ќе порасне за 3,8, а една година подоцна за 3,5%.

Според есенскиот извештај на ЕК, домашната побарувачка иако доби поддршка од државата сепак не забележа раст. Освен тоа, регистриран е значителен пад на дознаките од странство што негативно се одрази врз трошоците на домаќинствата.

ЕК предвидува дека земјава ќе очекува закрепнување од ковид кризата дури за две години.

Во однос на невработеноста, ЕК за оваа година проектира стапка од 17,3%, којашто следната година ќе се намали на 17,1%, додека во 2022-ра невработеноста се очекува да падне на 16,6%.

“Имајќи ја предвид владината поддршка, намалувањето на работните места поради кризата најверојатно ќе биде незначително во втората половина од годината. Постепено се предвидува раст на вработеноста во 2021 и 2022 година“, наведува ЕК во есенскиот извештај.

На ниво на Унија, проекциите на ЕК укажуваат на влошување на економски раст поради вториот бран од коронавирусот и рестриктивните мерки што земјите ги преземаат за да го заштитат населението од ширење на заразата.

ЕК очекува земјите да се вратат на стапките на раст веќе следната година, но за да може да го врати нивото од пред пандемијата, на европската економија ќе ѝ бидат потребни уште најмалку две години.

Фото: Freepik