ЕК сака фонд за сиромашните тежок 2,5 милијарди евра

32

Европската комисија предложи воспоставување фонд за помош на сиромашните во Европската унија кој до 2020 година би располагал со 2,5 милијарди евра.

Фондот би им овозможил помош во храна на најсиромашните, како и облека и основни производи за бездомниците и сиромашните деца.

Во рамките на националните програми, фондот би покривал 85% од вредноста на помошта, а државите членки 15%.

Помошта во храна моментално е интегрирана во буџетот за земјоделство. Европскиот суд на правда оцени дека оваа програма не е во согласност со европските закони и дека треба да се реформира до крајот на 2013.

Некои држави членки како Германија, Шведска и Велика Британија се противат на идејата помош во храна на европско ниво, сметајќи дека тоа би требало да биде во национална надлежност.

Фондот, предложен во рамките на буџетот за периодот од 2014 до 2020, за кој сеуште се преговара, мораат да го одобрат државите членки и Европскиот парламент.