Главниот град на нашата држава ќе се поднови со нови, еколошки автобуси, а првата пратка веќе пристигна во ЈСП.
Првата тура од новите автобуси на MAN кои Градот Скопје ги набави за потребите на ЈСП пристигнаа во гаражата во Автокоманда. Авто Плус имаше ексклузивна можност и шанса да ги забележи и фотографира првите модели на новите еколошки автобуси кои ќе бидат дел од градскиот сообраќај во блиска иднина.
Во моментов во Скопје се пристигнати неколку единици, а во следните недели се очекува пристигнувањето и на останатите автобуси. Со тоа ќе се комплетира возниот парк од 33 еколошки автобуси на MAN. Овие автобуси наскоро ќе бидат приклучени во јавниот сообраќај и граѓаните многу брзо ќе можат да уживаат во нив. Првите автобуси требаше да пристигнат во март, но поради здравствената криза и пандемијата, целата испорака се одложи.
Кога станува збор за спецификациите, познато е дека новите автобуси на MAN се еколошки со ниско ниво на загаденост. Тоа е благодарение фактот што користат природен гас или CNG, што му беше неопходно нашиот главен град, за кој веќе има постројка во кругот на ЈСП. Новите автобуси се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволува високите Euro 6 стандарди. Овој MAN автобус во Германија ја поседува ознаката “Син ангел“ и е прогласен за еко-автобус за 2016 година во Европа. MAN CNG автобусите се подеднакво ефикасни како и дизел автобусите на истиот производител, со тоа што нивото на загадување е далеку, далеку помало. Сето тоа е благодарение на иновативниот тринасочeн OxyCat катализатор кој практично има неограничен век и не користи AdBlue. Моторите се шестцилиндерски со хоризонтална поставеност, поседуваат и турбо полначи и интеркулери кои испорачуваат 272 КС односно 310 КС зависно од изведбата.
За потсетување, Скопје ќе добиe нови 33 нископодни автобуси. Од нив 21 единечен, со капацитет за 85 патници и 12 зглобни, или популарно наречени “хармоники“, за 149 патници. Овие автобуси ќе претставуваат нов симбол на градот и јавниот превоз во Скопје, но и ќе не потсетат на старите времиња на „дупла 15ка“. Новите еколошки автобуси годишно ќе заштедат 25.000 евра за гориво, а подолги сервисните интервали ќе дадат уште поголема финансиска оправданост. Притоа ќе придонесат за намалување на загаденоста, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички поради употребата на земјен гас (CNG).
Преземено од Avtoplus.mk