“Економист“: САД размислуваат за укинување на дел од санкциите кон Русија

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за ублажување или делумно укинување на одредени санкции против Русија како дел од евентуален договор за прекин на војната во Украина, дознава британски „Економист“ од дипломатски извори, кои додаваат дека во тој случај Европската Унија би била „многу неподготвена“ да ги укине сопствените мерки против Москва.

Според неколку извори запознаени со преговорите, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува сценарија во кои дел од американските санкции би можеле да бидат суспендирани доколку се постигне договор со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Танјуг.

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Русија им понудила на САД договори во вредност од 12 трилиони американски долари во замена за ублажување на санкциите, додека „Економист“ ја опишува таа сума како јасно претерана, додека арктичката нафта и гас, рудниците за ретки метали, нуклеарниот центар за податоци и тунелот под Беринговиот теснец се наведени како можни области на соработка.