
Веќе неколку дена,Tax Foundation, Bureau of Economic Analysis, Business Insider и слични медиуми пишуваат за предупредувањата на американските економисти за претстојната 2027 година.
Американската економија би можела да се соочи со сериозен економски пад уште во 2027 година, предупредува познатиот економист Дејвид Розенберг, основач и претседател на аналитичката компанија Розенберг Рисрч. Според негова проценка, двете клучни сили што го поттикнаа растот на американската економија во последните години – фискалните стимулации од владата и огромните инвестиции во вештачка интелигенција – наскоро би можеле да ослабнат.
„Можеме да видиме многу значајна рецесија во 2027 година, бидејќи деловните инвестиции остануваат без клучни двигатели на раст“, изјави Розенберг за Бизнис инсајдер.
Според анализата на Розенберг, „американската економија одржува релативно силен раст во последните години благодарение на две главни „лостови“: владина фискална политика и инвестициски бран во секторот на вештачка интелигенција“.
„Главните фискални стимулации вклучуваат продолжување на намалувањата на даноците од 2017 година и други мерки што требаше да ја поттикнат економската активност“ – ваквите политики би можеле да го зголемат БДП на САД за околу 1,2 процентни поени на долг рок, според Tax Foundation.
Сепак, Розенберг верува дека политичката динамика по следните избори би можела да доведе до институционален застој во Конгресот, што би го отежнало донесувањето нови економски стимулации.
Во исто време, друг двигател на растот, имено инвестициите во вештачка интелигенција, исто така би можел да достигне врв. Технолошките гиганти како Amazon, Google, Meta и Microsoft веќе најавија огромни инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција, вклучително и изградба на центри за податоци.
Според проценките на аналитичарите, овие четири компании би можеле да потрошат речиси 600 милијарди долари за проекти поврзани со технологијата за вештачка интелигенција само во 2026 година.
Розенберг проценува дека овој инвестициски бран бил клучниот двигател на економскиот раст во последните години.
„Во суштина ќе ги отстраниме двете големи патерици на економијата – фискалниот стимул и инвестицискиот бум во вештачката интелигенција“, предупреди тој.
Послаб раст и притисок врз потрошувачите
Во исто време, некои економски индикатори веќе навестуваат забавување, забележуваат аналитичарите. Реалниот БДП на САД порасна во последниот квартал од минатата година за 1,4% на годишна основа, што е значително побавно од 4,4% во претходниот квартал, според податоците од Бирото за економски анализи.
Пазарот на трудот, исто така, покажува знаци на „ладење“: вработувањето забавува, додека бројот на отпуштања расте. Стапката на лични заштеди падна на 3,6%, што укажува на зголемен финансиски притисок врз домаќинствата.
Розенберг предупредува дека дополнителен ризик може да дојде од берзата. „Доколку акциите доживеат поостар пад и со тоа ослабнат таканаречениот „ефект на богатство“, потрошувачите би можеле дополнително да ги намалат трошоците, рече тој.
„Без раст на вработеноста и без раст на приходите, луѓето ќе треба да трошат само она што всушност го заработуваат“, вели тој.
Не се согласуваат сите економисти
Розенберг не е сам во предупредувањето за потенцијалните ризици во наредните години, иако проценките варираат.
Економистите на „Ситигруп“ неодамна предупредија за „можноста за дефлациски притисок ако вештачката интелигенција доведе до големо зголемување на невработеноста, додека придобивките од технолошкиот напредок се концентрирани во мал број компании“.
Од друга страна, некои аналитичари веруваат дека технолошките иновации и продуктивноста што ги носи вештачката интелигенција би можеле да ја продолжат економската експанзија и да го ублажат ризикот од рецесија.
Засега, останува отворено прашање дали инвестицискиот бран во вештачката интелигенција и фискалните политики ќе продолжи да го поддржува растот или, како што предупредуваат некои економисти, нивниот крај ќе го означи почетокот на нов економски циклус, според порезервираните аналитичари.











