Економскиот раст на Македонија меѓу најголемите во ЕУ

13

flying-euros_2547547b Економскиот раст на Република Македонија бил меѓу најголемите во Европа минатата година, се наведува во денешната зимска економска прогноза на Европската комисија, јавува МИА.
Според прогнозата што ја претстави комесарот за економски прашања и монетарна политика, Оли Рен, Македонија лани остварила раст од 3,2% на бруто-домашниот производ (БДП), што е идентично со Литванија, додека само Романија имала поголем раст, односно 3,5%. Европската унија во 2012 година, според прогнозата на Еврокомисијата, била во дефицит од 0,4%, лани завршила со раст од само 0,1 индексни поени, додека за оваа година е предвиден раст од 1,2%. За идната година, растот на ЕУ ќе биде точно 2% БДП. Откако лани Еврозоната завршила во рецесија со минус од 0,4% на БДП, годинава, сите земји што го користат еврото како валута се предвидува дека ќе остварат раст на БДП од 1,2%, додека за 2015 година се предвидува раст од 1,8%. Според прогнозата на неформалната Влада на ЕУ, растот на БДП на македонската држава, годинава се очекува да изнесува 2,5%, а догодина 2,6% од БДП.
Во однос на невработеноста, Комисијата посочува дека 28,9% од работоспособните лица во Македонија, минатата година биле без работа. Но, во прогнозата се посочува дека е позитивен трендот на зголемување на работните места и дека годинава се очекува процентот на невработени да падне на 27,8 %, додека во 2015 година, стапката на невработеност да биде 26,9 %, што во споредба со 2010 година, кога беше 31,8% е обезбедување на работно место за 5% од невработените во Македонија.
Со наслов Закрепувањето стекнува цврсто тло и покрај послабите инвестиции, Еврокомисијата во зимската економска прогноза за Република Македонија посочува дека економското закрепнување зајакнало во првите три квартали од 2013 година и тоа било поддржано од силниот придонес од нето-извозот. Наведено е дека и покрај извонредното собирање во приватната потрошувачка, домашната побарувачка имала само мал придонес во растот, со оглед на според ЕК, големиот пад во инвестициите. Во согласност со проектираните движења на Директните странски инвестиции (ДСИ), се очекува пресврт годинава и во 2015 година, со повторно зајакнување на инвестициите и странската рамнотежа да го повлече растот.
Со издвојување на податокот дека поддршката од надворешниот сектор придонела за цврсто закрепнување минатата година, Комисијата во прогнозата наведува дека слабото заздравување на растот на производството што започнал во втората половина на 2012 година, стекнал цврста основа во првите три квартали од минатата година.
“Реалниот БДП се зголеми за 3,2% во однос на претходната година, со тоа што нето-извозот и приватната потрошувачка се двигатели на растот. Спротивно на претходните официјални проценки, бруто-капиталот опадна во секој од трите квартали, на годишно ниво, вкупно 15% годишно. Стимулирана од поддржаните фискални мерки, приватната потрошувачка се зголеми за акумулирани 5,1% во првите три квартали. Поддржано од страна на бенигната надворешна средина и новите директни странски инвестиции, нето-извозот на стоките и услуги, прв пат позитивно придонесе за раст на производството во 2010 година. Меѓу секторите, градежната индустрија во голема мера го надмина производството и бележи раст од 33% во текот на годината, со просечната стапка на раст од 4,8% во 2012 година”, се наведува во најновата економска прогноза на ЕК за Македонија.
Сепак, Еврокомисијата прогнозира дека овој раст тешко ќе се одржи. Проценката е дека профилот на раст повторно ќе се промени во иднина, со обновено кревање на бруто-инвестициите и понатамошните придобивки со превземање на водството од страна на потрошувачката на домаќинствата. Според Комисијата, јавните и странски директни инвестиции се очекува да се зголемат, во комбинација со постепено јакнење на кредитната екстензија во корпоративниот сектор. Потрошувачката на домаќинствата се очекува да постави еластични стапки на раст на хоризонтот, во согласност со очекувањата за приходот од еднократна употреба, што според прогнозата на ЕК, произлегува од позитивниот тренд за вработување, повисоки социјални трансфери и стабилните дознаки од странство.
“Со очекувањето на нови странски инвеститори да започнат производство, оваа прогноза очекува обновено зајакнување на увозната побарувачка. Без оглед на понатамошното подобрување на главните извозни пазари, се очекува постепено влошување на балансот на стоки. Оттука, нето-извозот ќе влијае негативно на двете години. Ова повлекување може да излезе големо, доколку директните странски инвестиции, како главен извор на извозот на земјата, се развиваат помалку енергично од што се очекува”, се наведува во прогнозата за Македонија.
Понатаму, ЕК за нашата земја прогнозира дека слабата стимулација на пазарот на трудот ќе продолжи потпомогната од страна на цврстото закрепнување и официјалните програми за вработување, со оглед на тоа што, според Комисијата, бројот на невработени се намалил за 4,5% на крајот на септември 2013 година, а во според со претходната година. Комисијата наведува дека со значително помалото зголемување на работната сила, стапката на невработеност се намалила од 30,6% на 28,7%. Се посочува дека бројот на вработени се зголемил за 4%, со што стапката на вработеност достигнала 40,8%, со речиси никаква промена со целокупното население на работоспособна возраст.
Сепак, ЕК предупредува дека стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години останала непроменета и изнесува 52% во текот на ланската година. Примарно, како што се вели во прогнозата, водена од очекуваното собирање од јавните и странски директни инвестиции, како и со продолжување на активната политика на пазарот на трудот, вработувањата се очекува да продолжат, но не со силно темпо, додека стапката на невработеност се очекува да продолжи да се намалува.
Во однос на тековната сметка, Комисијата вели дека се уште е избалансирана, но дека се влошува. Се вели дека додека дефицитот на тековната сметка малку се намалил минатата година, како резултат на подобрување на трговскиот баланс и покрај пониските приватни трансфери. Прогнозата очекува таа да се влоши повторно поради обновеното проширување на дефицитот на стока.
“Потребата за надворешното задолжување за финансирање на дефицитот на тековната сметка беше ублажена во 2013 година од страна на обновеното собирање на директните странски инвестиции и е веројатно дека така ќе остане во текот на идните прогнози. На крајот од третиот квартал, приливите на странските инвестиции достигнаа 3,3% од акумулираниот БДП, во споредба со 0,9% во исто време во 2012 година. Со оглед на повеќе бенигните инвестициски трендови на главните трговски партнери на земјата и активното вработување на Владата, прогнозата очекува инвестициите да продолжат да се зголемуваат”, се наведува во прогнозата на неформалната Влада на Европската унија.
На крајот од прогнозата за Република Македонија, Комисијата препорачува понизок дефицит со цел одржување на јавниот долг. Па, така, се наведува дека општиот владин дефицит за 2013 година бил ревидиран есента од 3,6% на 3,9% по носењето на ребалансот на буџетот. Во поглед на предвидените мерки за консолидирање, прогнозата очекува дефицитот постепено да се движи околу 3,6% во 2015 година. Во однос на владиниот долг, Комисијата посочува дека откако истиот скокнал до 34% од БДП во 2012 година, долгот на општата влада се зголемил.
На крајот од оваа зимска економска прогноза, во однос на Република Македонија се закучува дека Со цел долговите на општата влада да се стабилизираат, фискалниот дефицит би требало да се намали посуштински отколку што е таргетиран. Според Комисијата, ова е веројатно да се покаже тешко со оглед на неодамна спроведеното зголемување на пензиите, кревање на јавните плати за оваа година, како и зголемување на социјалните трансфери.