Екстра Меин најуспешна компанија за 2012 година во Куманово

137

M4034S-4211За најуспешна компанија за 2012 година во Куманово е избрана фирмата  Екстра Меин. Таа освои најголем број гласови на електронското гласање што го организираа одделението за локален економски развој и за информатичка технологија од општина Куманово.

Вкупно 470 кумановци го дадоа својот глас за оваа фирма. Второрангирана според гласањето е фирмата Мега, додека приватната високообразовна институција Еуро Колеџ е на трето место. Најуспешните фирми за 2012 добија плакети од Градоначалникот на општина Куманово на вчерашната свеченост.

“На гласањето учествуваа преку 3.500 кумановци кои можеа да одберат за која фирма ќе гласаат. Фирмите беа поделени според дејноста со која се занимаваат”, вели Андријана Вукановска Цветковска од одделението за информатичка технологија од општина Куманово.

Ова гласање беше дел од проектот кој опфати издавање каталог, избор на најуспешна фирма и промоција на бизнис заедницата од Куманово. Беше промовиран и каталогот Топ 101 компанија.

“Фирмите кои се опфатени во каталогот мора да имаат најмалку десет вработени лица, да бидат извозно ориентирани и да се препознатливи на локалниот пазар”, вели Зоран Павловски од секторот за администрирање на приходи и стратешко планирање при општина Куманово.

Локалната администрација веќе го промовира каталогот при посетите на збратимените градови и на домашните и странските делегации на Куманово.