Електронско издавање на предлог комисиско продолжување на боледување и извештај за спреченост на работа

169

Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ) денеска промовираше две електронски услуги, пишува Миа.

Станува збор за електронско издавање на предлог за комисиско продолжување на боледување (ПСР) и извештајот за спреченост на работа (ИСР), односно електронско поднесување на барање за остварување надомест за плата, право на боледување и породилно отсуство.

“Со првата електронска услуга овозможуваме матичните лекари, користејќи го порталот на Фондот, да може да издаваат предлог за комисиско продолжување на боледување (ПСР) и извештај за спреченост на работа (ИСР) за своите пациенти, по електронски пат и на тој начин да ги заменат досегашните хартиени обрасци. Бенефит од оваа електронска услуга ќе имаат осигуреници и матичните лекари затоа што се исфрла хартијата од употреба за оваа намена. Електронски пополнетите барања за предлог за комисиско продолжување на боледување и извештај за спреченост на работа ќе формираат електронска база на податоци во Фондот, која ќе им овозможи увид на лекарските комисии во оваа документација. Осигурениците веќе нема потреба да ги носат овие документи во хартиена форма во подрачните служби, туку матичните лекари тоа ќе го прават електронски“, беше истакнато на промоцијата на која говореа двајцата директори на ФЗО Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани.

Втората електронска услуга, како што се наведува, е електронското барање за надомест на плата по основ на боледување и породилни отсуства. Со оваа нова електронска услуга, според него, привилегирани се осигурениците и овластените лица од фирмите бидејќи ќе се замени класичното доаѓање во подрачните служби на Фондот.

Останува овластеното лице од компанијата кое поднесува барање за боледување, како што се наведува, само да ја впише трансакциска сметка на вработениот. Сите останати документи ги има во електронската база на податоци на Фондот.

Според директорите, со овие услуги се затвора кругот на цел процес на електронско работење во делот на боледувања, а бенефит ќе почувствуваат сите граѓани кои имаат потреба од надомест на плата и боледувања, компаниите каде работат овие лица кои електронски ќе поднесуваат барање за нивниот вработен, што беше и барање на самите компании, а и матичните лекари затоа што веќе нема потреба да пополнуваат хартиени обрасци, туку сите податоци стануваат електронски достапни.