Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека и порано ја намалил инфалцијата на околу 4 отсто и дека тоа набрзо повторно ќе го стори, додека истовремено годишниот раст на цените е поголем од 21 отсто, благодарејќи на притисокот за намалување на каматните стапки што предизвика уривање на курсот на лирата.
Ердоган тврди дека новата политика којашто се темели на ниските каматни стапки се дел од успешната „војна за економска независност“, но повеќето економски аналитичари во светот овој потег го нарекуваат неразумен и на Турција во следната година ѝ предвидуваат раст на инфлацијата на повеќе од 30 отсто.
Турската лира достигна рекордно ниска вредност од речиси 17 лири за еден американски долар во петокот, откако беа изразени стравувањата од инфлаторната спирала. Според сегашната состојба, турската национална валута од почетокот на годинава загубила 55 отсто од својата вредност, а 37 отсто од вредноста се загубени во последните 30 дена.
На средбата со млади од Африка, од која снимки беа емитувани во неделата, Ердоган го повтори своето неортодоксно економско сфраќање според кое каматните стапки предизвикуваат зголемување на цените и додаде дека се надева дека инфалцијата набрзо ќе биде намалена.
„Порано или подоцна ќе ја намалиме инфлацијата како што тоа го направив кога дојдов на власт. Нема да дозволам моите граѓани, моите луѓе, да бидат скршени под товарот на каматите“, изјави Ердоган.
Инфлацијата во Турција во 2011 година падна на 4 отсто, пред да почне постепено да расте од 2017 година. Во ноември годинава порасна за 3,5 отсто на месечно, а на 21,3 отсто на годишно ниво.
Многу стручњаци сметаат дека зголемувањето на минималните плати за 50 отсто нема да биде доволно. Исто така, очекуваат дека зголемувањето би можело да доведе до инфлација на потрошувачките цени од 3,5 до 20 отсто.
Во саботата најголемата турска деловна групација TUSIAD ја повика владата да ја напушти политиката на ниски каматни стапки и да се врати на „правилата на економската наука“.
Илјадници луѓе викендов протестираа во Истанбул и во југоисточниот град Дијарбекир поради растот на животните трошоци. Некои траектни линии од Истанбул во неделата беа отажани поради неодржливите цени на работата предизвикани од падот на лирата, според операторите.











