ЕЦБ меѓу континуираниот економски стимул и ризикот од инфлација

9

Европската централна банка (ЕЦБ) оваа недела ќе се соочи со тежок предизвик, како да го намали својот главен монетарен стимул, без да го загрози економското закрепнување и да го потресе пазарот на државни обврзници, особено во јужните европски земји, кои се најранливи корисници на кредити.

ЕЦБ во четврток треба да одлучи за понатамошна имплементација на пандемичната програма за купување обврзници за итни случаи (PEPP) во износ од 1,850 милијарди евра, која беше започната со цел да се спасат финансиските пазари од кризата. Управниот совет на ЕЦБ е поделен во однос на продолжувањето и обемот на стимулот, поради заканата од зголемена инфлација, пренесе Today UK News, повикувајќи се на Financial Times.

Тешките конзервативни струи, таканаречени „јастреби“, предупредуваат дека инфлацијата ќе продолжи да ги надминува очекувањата, поттикната од „тесните грла“ во синџирите на снабдување, зголемената побарувачка и зголемената потрошувачка на домаќинствата. Тие стравуваат дека ако одговорот на ЕЦБ е премногу бавен, тоа подоцна може да доведе до нагло заострување на мерките за да се спречи прегревање на економијата.

Иако „јастребите“ се во малцинство, тие станаа погласни откако БДП на еврозоната порасна за два проценти во вториот квартал годинава, што е повеќе од растот на БДП во Кина и САД за прв пат од почетокот на пандемијата. Исто така, инфлацијата се зголеми на три проценти во август, што е највисоко ниво во последните 10 години и значително повеќе од два проценти, што е и целта на ЕЦБ.

ЕЦБ во четврток ќе објави ажурирани прогнози, а повеќето аналитичари очекуваат дека ќе ги зголеми прогнозите за инфлација за оваа и веројатно следната година, иако веруваат дека инфлацијата нагло ќе падне во 2022 година и ќе остане под 2% до 2023 година, што е целта на ЕЦБ. Дебатата за траекторијата на инфлација ќе биде клучна во одлучувањето за стимулации преку купување на обврзници по завршувањето на PEPP следната година.

Аналитичарите на „Barclays“ проценуваат дека од макроекономска гледна точка, најважно не е колку ќе се намали откупот во рамките на PEPP, туку што се случува со откупот на обврзниците по истекот на рокот на PEPP, како и што се очекува од инфлацијата. Економистите веруваат дека засега има малку знаци дека повисоките плати ја стимулираат инфлацијата, иако надоместоците за дефицитарни работни места во услужниот сектор се зголемени во Берлин и Париз.

Додека другите големи централни банки, како што се Федералните резерви на САД (ФЕД) и Банката на Англија, се подготвуваат да го намалат откупот на средства на нула, ЕЦБ најверојатно ќе продолжи да купува обврзници преку традиционалната програма за откуп од 20 милијарди евра месечно. Се очекува нејзиниот опсег да се зголеми двојно или тројно по завршувањето на PEPP.

Според анкета меѓу економистите спроведена од Ројтерс, 42 проценти од испитаниците рекле дека очекуваат ЕЦБ да објави намалување на обемот на набавки на итни обврзници на претстојниот состанок, но дека ќе продолжи да купува обврзници до 2024 година, а веројатно и подолго, преку својата главна програма за откуп, известува FXStreet.

„Ја следиме инфлацијата во еврозоната, треба да ја следиме многу прецизно, но без да донесеме предвремени заклучоци“, рече еврокомесарот за економија Паоло Џентилони. Тој оцени дека одлуката за драстично намалување на купувањето на обврзници ќе биде голема грешка, бидејќи постои консензус „дека оваа инфлација се уште е привремен феномен“.