ЕЦБ побара од банките да не исплаќаат дивиденди до први јануари следната година

39

Банките во еврозоната треба да ја одложат исплатата на дивиденди и за откуп на акции до први јануари следната година, советува Европската централна банка (ЕЦБ), пренесува германската агенција DPA.

ЕЦБ, чие седиште е во Франкфурт, се надева дека ова ќе ја зајакне способноста на кредиторите да ги “преземат“ загубите за време на пандемијата на коронавирусот, а со зголемување на капиталот да може заеми да им даваат на приватни потрошувачи и бизниси.

“Создавањето силен капитал и ликвидност од последната финансиска криза им овозможи на банките за време на оваа криза да продолжат со кредитирање на домаќинствата и бизнисите и со тоа да помогнат во стабилизирање на реалната економија“, изјави Андреа Енрија, претседател на надзорниот одбор на ЕЦБ.

Според него, сега е уште поважно банките да се охрабрат да го користат својот капитал и ликвидност и да продолжат да се фокусираат на оваа сеопфатна задача.

ЕЦБ досега од банките бараше да се воздржат од плаќање на дивиденда на акционерите до први октомври. Многу банки одговорија со откажување на планираната распределба на добивката за финансиската 2019 година или барем ја намалија.

ЕЦБ од ноември 2014 година директно ги надгледува најголемите банки и банкарски групи во еврозоната, а во моментов тоа се 115 институции во 19-члената валутна заедница, што претставува речиси 82% од пазарот.

Фото: Freepik