ЕУ трага по критични суровини, додека го пушта она што ѝ е пред нос неповратно да ѝ побегне

На прв поглед звучи неверојатно, но носителите на одлуки во Европската Унија (ЕУ) се чини дека не мора да бараат далеку за да ги пронајдат евтините критични суровини кои се толку многу во фокусот во последно време. Имено, на само пет километри од седиштето на ЕУ во Брисел, продавачите на автомобили собираат таков материјал и го испраќаат во Африка.

Луѓето вклучени во бизнисот всушност испорачуваат половни автомобили, од кои многу загадуваат премногу за да бидат дозволени на европските патишта, во земји како Сенегал, Сиера Леоне или Нигерија, каде што пазарот за автомобили што Европа не ги сака е во подем.

Еден ден, сите тие автомобили ќе завршат на отпад, а со нив и тони вреден метал што ЕУ би можела да го рециклира и повторно да го употреби за потребите на својата економија.

Но, Европа има стара навика да извезува непосакувана стока и ова се враќа како бумеранг во време кога ЕУ сака да најде начин да избега од зависноста од суровини увезени од Кина. ЕУ вложува напори да обезбеди нови извори на критични метали и минерали потребни за чиста енергија и воена технологија, задача од исклучителна итност во време на зголемени геополитички тензии и нарушување на традиционалните синџири на снабдување.

Европа е мал континент сиромашен со природни ресурси и богат со стоки за широка потрошувачка. Во таква средина, половни автомобили се ветувачки извор на материјал. Тие се полни со бакар, платина или челик, кои се неопходни во горенаведениот контекст на чиста технологија и воена индустрија.

Тој ресурс ќе станува сè повреден како што првите генерации електрични автомобили со литиум, кобалт или никел го завршуваат својот животен век.

За жал, ЕУ не е ни блиску до искористување на оваа можност. Освен автомобилите што се легално извезени, помеѓу три и четири милиони возила на крајот од животниот век исчезнуваат од ЕУ секоја година без трага. Тоа е околу една третина од сите автомобили што се отпишуваат. Некои исчезнуваат затоа што нивната трага се губи во документите, додека други се извезуваат преку нетранспарентни канали.

Секако, постојат автомобили кои се расклопуваат нелегално, па деловите што се вредни се продаваат преку интернет или преку нелегални дилери, додека останатите се фрлаат, зголемувајќи го загадувањето.

„Гледаме голем и досега неискористен потенцијал во рециклирањето, повторната употреба и замената на критични суровини“, ја цитираше Политико членката на Европскиот суд на ревизори, Кејт Пентус-Росиманус.

Минатиот месец, таа подготви извештај за тешкотиите со кои се соочува ЕУ во набавката на критични суровини. Но, рециклирањето и повторната употреба можат да се случат само ако фрлените производи го најдат својот пат до дворовите за рециклирање.

„Нелегалното расклопување и извоз на автомобили на крајот од животниот век е мотивирано од профитот од продажбата на резервни делови и метал. Неовластените купувачи на стари автомобили ги игнорираат правилата за намалување на загадувањето за да избегнат дополнителни трошоци“, пишуваше во извештајот на Германската агенција за заштита на животната средина во 2020 година.

Две години подоцна, таа агенција процени дека 20 проценти од сите германски автомобили што исчезнуваат, или околу 72 илјади, се нелегално извезени.

Според податоците на Интерпол, на последниот ден од минатата година во базата на податоци за украдени возила имало речиси 3,6 милиони автомобили од цела Европа, не само од ЕУ.

На ниво на ЕУ, во тек е работа на нова регулатива што би го решила прашањето за автомобилите на крајот од животниот век, преку појасна разлика помеѓу половни автомобили и автомобили на крајот од животниот век и строга рамка за пренос на сопственост. Законот, исто така, треба да разјасни кога автомобилот законски се смета за отпад.

„Автомобилскиот сектор со нетрпение очекува имплементација на системот за регистрација и одјавување на автомобили на ниво на ЕУ и регулирање на извозот на автомобили на крајот од животниот век во трети земји, што спречува губење на вредни суровини“, соопшти Европското здружение на производители на автомобили ACEA.

Секоја година, 800 илјади половни автомобили се извезуваат од ЕУ, главно во африканските земји.