Еуролинк осигурување ќе додели 20 стипендии за студенти на Правниот факултет

23

Со искрена желба да ги поддржи амбициозните и талентирани млади луѓе во Македонија Еуролинк осигурување одлучи да додели 20 стипендии за студенти на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје.

Овој проект е дел од долгорочната корпоративна платформа Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности. За стипендијата ќе можат да аплицираат студенти кои ќе запишуваат втора или трета година на додипломските студии од сите студиски насоки на оваа високообразовна институција. Со стипендиите ќе се покријат трошоците за кофинансирање на студентите.

“Водени од мислата на Абрахам Линколн дека најдобар начин да се предвиди иднината е да се креира од нас самите, како и од сопственото корпоративно искуство и чувство за општествена одговорност и поддршка на вистинските општествени вредности како фундамент на правната држава и демократијата, Еуролинк осигурување, со поддршка на 300.000 верни клиенти, распишува конкурс за стипендирање 20 најдобри и најперспективни студенти на Правниот факултет Јустинијан Први, во знак на почит кон знаењето и на солидарност со општеството во кое живееме, работиме и твориме“, истакна Олга Костовска, претседател на надзорниот одбор на Еуролинк осигурување.

Кандидатите за дваесетте стипендии треба да се редовни студенти во прва или во втора година на Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје, во првиот циклус на додипломските студии. Тие треба да имаат просечен успех од положени испити над 8,50 и да не се корисници на стипендија од друг давател. Процесот на аплицирање за Еуролинк стипендија ќе се одвива во периодот од 21 мај до 15 јули 2014 година. Сите заинтересирани треба да достават уверение за положени испити, кратка биографија со фотографија и есеј од најмногу 500 збора на тема: Мојот личен придонес и одговорност за идниот прогрес на општеството.

Со цел и јавноста да има збор во изборот на најдобрите и на најзаслужните и со намера убавите пораки да допрат до што повеќе луѓе, Еуролинк одлучи есеите да се избираат на отворен форум. Текстовите на пријавените ќе се објавуваат на посебен блог и на социјалната мрежа Фејсбук, при што, бројот на споделувања и допаѓања од граѓаните ќе влијае на вкупната оценка на кандидатите. Најдобрите од пријавените, кои што ќе бидат селектирани според сите горенаведени критериуми, ќе бидат повикани на разговор.

Потребните документи и есејот кандидатите треба да ги достават во печатена форма до Одборот за доделување Еуролинк стипендија, во архивата на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје. Есејот, пак, во електронска форма треба да го испратат на е-маил адресата eurolinkstipendija@eurolink.com.mk.