ЕВН ќе инвестира над милијарда евра во дистрибутивната мрежа

17

evn mkВо следните дваесет години, во нови енергетски капацитети во дистрибутивниот систем ќе се реализираат над една милијарда евра инвестиции. Ова се предвидува во Мастерпланот на ЕВН Македонија што беше презентиран денеска во Скопје.

Проектите што ги предвидува Мастерпланот вклучуваат реализација на конкретни проекти на целата територија на Македонија.

“Мастерпланот кој предвидува инвестиции од над една милијарда евра е само потврда на нашата искрена посветеност и темелен пристап кон постигнување на оваа наша цел. Нашите заложби се можни само преку партнерски однос и соработка со сите надлежни институции и со бизнис секторот и искрено се надеваме дека и во иднина ќе продолжи оваа успешна соработка во насока на обезбедување на квалитетни услови за развој“, истакна Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Анализите на Мастерпланот покажуваат дека енергетските потреби во следните 20 години ќе изнесуваат просечни 2% на годишно ниво. Инвестициите што ќе ги реализира ЕВН Македонија во следниот период ќе ги пресретнат овие енергетски потреби во дистрибутивниот сегмент.

Вицепремиерот Владимир Пешевски истакна дека модернизацијата и зголемувањето на капацитетите на дистрибутивниот систем е од клучно значење за идните инвестиции, а според министерот за економија Валон Сарачини инвестициите во енергетскиот сектор се еден од најзначајните двигатели на економскиот раст, но и еден од предусловите за одржување на високиот квалитет и комодитет на современото живеење на сите граѓани.

Раководството на компанијата очекува преку реализацијата на проектите што ги опфаќа Мастерпланот значително да се подигне квалитетот на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија. На изработката на Мастерпланот стручните тимови на ЕВН Македонија работеле пет години.