ЕВН Снабдување на компаниите ќе им нуди и енергетски менаџмент

24

Сите компании кои се снабдуваат со електрична енергија ќе добијат дополнителна поддршка за рационализирање на потрошувачката преку можноста да имплементираат енергетски менаџмент во своето работење.

За да им ја овозможи оваа услуга на своите клиенти, која прв пат се нуди на македонскиот пазар, ЕВН Снабдување, како што соопштуваат од компанијата, веќе има ексклузивна соработка со водечка компанија од областа на енергетскиот менаџмент.

“Енергетскиот менаџмент е напредна алатка за рационализирање на потрошувачката на електрична енергија, која преку енергетска ревизија ги утврдува сите точки во компанијата каде со употреба на нови или заменети технологии се прават сериозни заштеди на електрична енергија во целокупното работење. Преку енергетскиот менаџмент компаниите ќе направат сериозни заштеди на електрична енергија со што ќе ја зголемат нивната конкурентност и ќе можат да инвестираат во својот иден развој“, се вели во денешното соопштение од ЕВН снабдување.

Нико Берберу, менаџер на ЕВН Снабдување, посочува дека освен што на компаниите им се нуди најдобра цена и најдобри услови, ќе се продолжи со нови поволности кои на клиентите, како што вели, не само што ќе им обезбедат сигурно снабдување и вистинска поддршка, туку истовремено и можности за долгорочен и стабилен развој.

Анализите на стручните тимови на ЕВН Снабдување покажале дека во следната фаза од процесот на либерализација, малите и средните компании ќе добијат пониска цена на електричната енергија. ЕВН Снабдување веќе подготвува посебни пакети на услуги кои освен пониска цена на струјата, ќе содржат и евтини тарифи за потрошувачите.

“Компанијата располага со стручен тим, кои овозможуваат навремена и стручна услуга, како и експертиза што на компаниите им овозможува стабилен развој на нивните бизниси. ЕВН на македонскиот енергетски пазар има формирано и две балансни групи, една на слободниот и една на регулираниот пазар, што на компаниите им овозможува дополнителна стабилност“, се истакнува во соопштението.

ЕВН Снабдување е членка на ЕВН Групацијата која има околу 8.000 вработени и 14 милиони корисници во повеќе од 20 земји.