Еврокодови за поголема конкурентност на градежните компании

21

Македонските градежни компании ќе бидат поконкуренти и со поголеми можности за учество на меѓународни  проекти по примена на еврокодовите – стандарди од областа на градежништвото во Европската унија, јавува Миа.

Тоа е оценката на учесниците на втората работилница за градење капацитети за изработка на национални анекси на еврокодовите во Балканскиот регион, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија.

Во земјите членки на ЕУ еврокодовите се задолжителни за примена од минатата година и веќе се подготвува втората генерација. Кај нас досега Институтот има преведено, технички уредено и поставено на јавна расправа 45 национални анекси кои треба да ги усвои во јануари. Останатите 13 анекси ќе бидат на јавна расправа од 15 ноември и во февруари ќе бидат усвоени стандардите со национални анекси. Во меѓувреме, Институтот за сеизмологија и земјотресно инжинерство, Управата за хидрометеоролошки работи, како и Сеизмолошката опсерваторија при  ПМФ треба да ги достават  податоците за геолошките и сеизмичките карактеристики на земјата.

“Кога ќе ги усвоиме националите анекси на еврокодовите ќе добиеме изедначеност на пазарот на европско ниво, што значи дека која било компанија од ЕУ или македонска компанија ќе може да излезе на европскиот  пазар врз основа на своите национали анекси и да конкурира за градбата. Во националните анекси и еврокодовите  се вметнати сите сигурносни клаузули за да не дојде до рушење или што било на некоја градба. Во неколку истражувачки центри и универзитети  во Европа се направени истражувања на повеќе од 10.000 мостови и згради, се прават мали макети и се рушат и тие вредности се вметнуваат во националните анекси на еврокодовите или во самите еврокодови“, изјави Љупчо Давчев, директор на Институтот за стандардизација на Република Македонија.

Фабио Таучер, претставник на Заедничкиот истражувачки центар на ЕК, истакнува дека еврокодовите ги офаќаат највисоките и најбараните стандарди во градежништвото.

“Со тоа што  компаниите ќе знаат  како да ги применат кодовите нивната конкурентност  ќе се зголеми затоа што ќе бидат  во можност да учествуваат во проекти на ЕУ, исто така и меѓународни. Многу од државите се заинтерсирани за капацитетите на компаниите за користење на еврокодовите. Во исто време ќе можат да ги користат евростандардите за подобрување на квалитетот на градбите“, изјави Таучер.

ЕУ има воспоставено вкупно 58 стандарди во градежништвото поделени во девет групи,  односно девет еврокодови, со по неколку стандарди.