
Европските берзански индекси денес беа мешани, додека цената на златото се искачи на нов рекорден максимум, надминувајќи 4.480 долари за унца.
Од почетокот на годината, златото поскапе за речиси 70 проценти, а среброто за дури 128 проценти, првенствено поради геополитичките неизвесности и очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат да ги намалуваат каматните стапки во Соединетите Американски Држави следната година.
Денес во 9:30 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,08 проценти на 24.326,43 поени, британскиот FTSE 100 за 0,12 проценти на 9.877,62 поени, додека францускиот CAC 40 падна за 0,11 проценти на 8.110,24 поени, а московскиот MOEX за 0,32 проценти на 2.707,55 поени.
Акциите на данската фармацевтска компанија Ново Нордиск скокнаа за речиси шест проценти откако компанијата доби одобрение од американската Администрација за храна и лекови (FDA) за пласирање на пазарот на орална верзија на својот лек за дебелина „Vegi“ во САД, објавува CNBC.
Добри резултати забележа и француската биотехнолошка компанија Abivax, чии акции пораснаа за четири проценти од утрово, по вчерашниот раст од дури 15,4 проценти.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones порасна за 0,47 проценти на 48.362,68 поени, вредноста на индексот S&P 500 за 0,64 проценти на 6.878,49 поени, а вредноста на индексот Nasdaq за 0,52 проценти на 23.428,83 поени.
Европските фјучерси за гас за јануари беа продадени денес на отворањето на берзата TTF по цена од 27,625 евра за мегават-час.
Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 57.954 долари, а цената на нафтата од типот Брент се искачи на 62.079 долари.
Цената на златото се искачи на 4.489,15 долари за унца, а цената на пченицата се искачи на 5,1610 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата е 1,17819 долари, што е за 0,17 проценти повисока отколку на почетокот на тргувањето.











