
Европските индекси на денот претежно забележаа скромен раст, цените на нафтата од типот Брент се во благ пад утрово, додека инвеститорите го чекаат викендот и најавените преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран во Исламабад, кои би можеле да бидат одлучувачки за понатамошниот развој на ситуацијата во Персискиот Залив и евентуалното завршување на конфликтот.
Според податоците од берзата во 10:30 часот, цената на суровата нафта падна за 1,04 проценти на 93,671 долари, а на нафтата од типот Брент за 0,94 проценти на 98,435 долари.
Главната вест на денот е стапувањето во сила на десетдневниот прекин на огнот меѓу Израел и Либан, кој започна на полноќ по локално време во Бејрут.
Овој дипломатски потег, сепак, не беше доволен за да предизвика пошироко закрепнување на пазарот, бидејќи конфликтот меѓу САД и Иран продолжува да влијае на расположението, објавува CNBC.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на настан во Лас Вегас изјави дека војната со Иран „се ближи кон крајот“ и дека операциите се одвиваат „непречено“.
Трамп претходно предвиде дека конфликтот може да трае уште две до три недели, а сега истакнува дека мировните преговори се „многу блиску“.
Европските фјучерси за гас за мај беа продадени на отворањето на берзата TTF во Амстердам по цена од 42,015 евра за мегават-час.
Индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,41 процент на 24.248,60 поени, францускиот CAC 40 за 0,31 процент на 8.288,53 поени, московскиот MOEX за 0,21 процент на 2.746,84 поени, додека британскиот FTSE 100 падна за 0,13 проценти на 10.575,84 поени.
Пан-европскиот индекс Stoxx 600 е на пат кон трет последователен неделен раст од околу 0,3 проценти, но овој раст е значително побавен во споредба со претходните две недели, кога пазарот растеше со стапки од повеќе од три проценти.
Вредноста на еврото во однос на доларот на Форекс берзата денес е 1,17816 долари.
Цената на златото падна на 4.785,72 долари за тројанска унца, а цената на пченицата се искачи на 5,9918 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг).











