Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателот и извршен директор на Фајзер Алберт Бурла, вчера во Солун, свечено, на дигитален начин ги отворија двата глобални центри на Фајзер, едниот за дигитална иновација, а другиот за деловни операции и услуги, пренесе МИА.
Според грчкиот премиер инвестицијата за период од десет години, ќе надмине 600 милиони евра, ќе отвори околу 700 работни места, а вработените ќе бидат од различни професии, не само научници, туку и експерти за информатичка технологија, сметководство, управување со човечки ресурси, набавки итн.
Претседателот и извршен директор на Фајзер Алберт Бурла кој воедно е од Солун, изрази особено задоволство за инвестицијата и за нејзината важност за градот, потсетувајќи на зборовите на американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат.
“Пред неколку дена, амбасадорот Пјат истакна дека угледот на Солун драстично се менува, бидејќи постојано и меѓународно се воспоставува како седиште на големите американски компании за технологија и иновации и глобален центар за деловно работење. Многу сум среќен што гледам дека овие инвестициски потези на Фајзер се целосно усогласени со приоритетите на земјата и целокупната стратегија“, истакна Бурла.