Што најмногу влијае врз условите за одобрување кредити на компаниите?

47

Во поглед на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, позначителни промени во однос на претходното тримесечје се забележуваат кај факторот трошоци поврзани со капиталната позиција на банката од групата трошоци на финансиските средства, покажува Анкетата за кредитна активност во јануари на Народната банка.

Овој фактор придонесува за олеснување на кредитните услови, наспроти претходното тримесечје кога банките оценија дека предизвикувал заострување. Од оваа група, промена се забележува и кај факторот ликвидносна позиција на банката, којшто помалку придонесува за олеснување на кредитните услови во споредба со претходните два квартала од годината. Од факторите од групата притисоци од конкуренцијата, конкуренцијата од други банки е водечки фактор којшто предизвикува олеснување на кредитните услови, но посилно во споредба со претходната анкета, додека останатите два фактора од оваа група (конкуренција од небанкарскиот сектор и конкуренција од пазарното финансирање) имаат непроменето влијание врз кредитните услови. Што се однесува до групата фактори за согледување на ризикот, кај очекувањата за вкупната економска активност, резултатите упатуваат на поумерен придонес за нетоолеснување на кредитните услови, додека кај очекувањата за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието резултатите посочуваат на неутрално влијание врз кредитните услови, во споредба со претходната анкета.

Нето-олеснувањето на условите за одобрување корпоративни кредити продолжи и во последниот квартал од 2019 година, но посилно во споредба со претходната анкета. Нето-олеснувањето е поизразено за кредитите на големите претпријатија и за долгорочните кредити. Една четвртина од банките укажуваат на олеснети кредитни услови, додека поголем дел од банките (70%) укажуваат на непроменети услови при одобрувањето кредити на претпријатијата. Нето-олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во четвртото тримесечје од годината, е посилно во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета. За првиот квартал од 2020 година, банките упатуваат на нето-олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити, но малку поизразено во споредба со претходната анкета.

Според согледувањата на банките за поединечните услови за кредитирање на корпоративниот сектор, најголемо олеснување во четвртиот квартал се забележува кај каматната стапка, слично како во претходната анкета. Промена, поточно мало заострување, се забележува кај барањата за обезбедување, за разлика од претходната анкета кога овој фактор придонесува за олеснување на кредитните услови. Во однос на останатите услови, не се забележуваат позначителни промени во споредба со претходниот квартал.

Фото: Pexels