Фамилијарниот бизнис ни дава стремеж за постојан развој

274
Зоран Трпески, генерален директор на Машиноекспорт.
Зоран Трпески, генерален директор на Машиноекспорт
Зоран Трпески, генерален директор на Машиноекспорт

Најважна цел на Машиноекспорт е успешно и одговорно извршување на барањата и посебните потреби на клиентите. Тоа што опстојува повеќе од дваесет години на македонскиот пазар е доволен факт кој зборува за нивниот сериозен, стабилен и доследен однос посветен кон клиентите.

БИ: Кога е основана Машиноекспорт и која е нејзината дејност?

Компанијата Машиноекспорт е основана во 1991 година од страна на тројца основачи, Зоран Трпески, Душан Гавриловски и Наум Петровски. Дејноста на Машиноекспорт е металопреработувачка. Нејзината специјалност е изработка на машински резервни делови наменети за сите видови индустрии. Исто така Машиноекспорт изработува и цели машини по желба и нарачка на купувачот, кои се користат во процесната индустрија, градежната, прехранбената.

БИ: На кои пазари досега сте биле присутни и за кои индустрии сте изработувале делови?

Освен што не има на домашниот пазар  присутни сме и на околните регионални пазари како Косово, Србија, Бугарија и со мал дел во Албанија. Ние вскушност нудиме услужна дејност, односно изработуваме делови од машини кои на тамошните пазари или ги немало или пак нивната изработка била премногу скапа. Па така одредени компании, односно индустрии се обраќаат кај нас за да им изнајдеме решение за изработка на конкретниот дел. Тие делови најчесто се специфични делови или едноставно нема каде да се купат.

VLUU L100, M100 / Samsung L100, M100

БИ: Значи Машиноекспорт изработува делови по нарачка. Како поточно оди тој процес?

Да, по нарачка, по мустра и по цртеж. На пример, нарачателот доаѓа со скршен дел, тој дел треба да се сними, да се направи техничка документација, за потоа ние да можеме истиот да го изработиме. Или пак доколку се работи за нова машина, како техничка документација доаѓа цртеж што некој конструктор претходно го нацртал, го конструирал делот и ние го изработуваме.

Може да се случи да дојде нарачателот со производот, односно со замислата за производот кој треба таа машина да го изработи. На пример, за да се добие една пластична чаша, најпрво треба да се изработи алат со кој нарачателот понатаму ќе ја произведе таа пластична чаша со неговата машина. Всушност Машиноекспорт ја изработува машината или делот од машината кој понатаму ќе произведе готов производ. Ние правиме и цели редуктори, алати за леење под притисок, запчаници, алати за ковано железо, односно секаков вид на машински делови. Машините со кои ние работиме ги набавуваме од Бугарија, Хрватска и Германија, а алатите за тие машини најчесто се од Бугарија, Германија и Шведска.

БИ: Колку вработени брои Машиноекспорт во моментов?

Во моментот во Машиноекспорт работат седум луѓе, меѓу кои Зоран Трпески (генерален директор), Јаков Трпески (менаџер за производство) и Петар Трпески (технички менаџер).

VLUU L100, M100 / Samsung L100, M100

Би: Со кого соработувате на домашниот пазар?

Соработуваме со Макстил, Арчелормитал, Титан, Кемет Електроникс, Џонсон Мети, Резонатор и уште многу други компании.

БИ: Како се справувате со конкуренцијата на пазарот, со што придонесувате токму вас да ве одбере нарачателот?

Цената и квалитетот се пресудни за опстанокот, како и начинот на кој ја нудите услугата. Понатаму, времето на изработка, на пример доколку постои некаков дефект кај машината за колку време може тој да го решите, колку брзо ќе реагирате. Исто така знаењето за изработката на деловите и искуството во голема мера. Во овој бизнис има конкуренција, а наш најголем адут е цената и секако квалитетот. Ние нудиме европски квалитет по македонски цени.

БИ: Машиноекспорт е еден успешен фамилијарен бизнис. Кои се добрите страни на водење ваков тип на бизнис?

Фамилијарниот бизнис наложува дека мора да се изнајде начин за решение на проблемот. Иако сме партнери, ние сме и фамилија и секогаш се стремиме да го најдеме најповолното решение. Тоа што опстојуваме на пазарот повеќе од 20 година е во голема мера благодарение на тоа што Машиноекспорт е фамилијарен бизнис. Доколку дојде до лоша изработка на некој дел, ние тоа не го гледаме само како проблем во работата, туку и како личен проблем кој мора да се реши во најбрзо време. Фамилијарниот бизнис ни дава стремеж за постојан раст и развој.

VLUU L100, M100 / Samsung L100, M100

БИ: Имате ли маркетинг стратегија?

Нашата реклама се деловите кои ги изработуваме, нивниот квалитет. За нас најчесто се дознава преку препорака или преку веб сајтот на МЕ. Нашата реклама сме самите ние.

БИ: Која е разликата меѓу домашниот пазар и пазарот надвор, во однос на овој бизнис?

На странските пазари има многу поголеми индустрии, а со тоа и поголеми побарувања. Македонија има неколку фирми што го работат ова и пазарот и прилично мал. На пазарот надвор се вложува многу во развојот на индустријата и се користат многу повеќе делови. Во странство има повеќе контроли, повеќе норми кои ние колку можеме се трудиме да примениме. Надвор отпадните материјали при производството одново се преработуваат, а овде на македонскиот пазар тоа го нема.

БИ: Кои се идните плановите на Машиноекспорт?

Во план најпрво ни е модернизација на постојниот машински парк, воведување на компјутерски CNC машини. Планираме да го прошириме бизнисот преку производство на одреден производ, (пластика или метал за широка потрошувачка), како и со продажба на стандардни машински елементи од типот на заптивки за хидраулични цилиндри, за пнеувматска техника, со продажба на штрафовска роба, како спојки и се што спаѓа во стандардни машински елементи.