Почетна Новости Фармацевтските компании почнуваат со работа на нова вакцина против омикрон

Фармацевтските компании почнуваат со работа на нова вакцина против омикрон

Biontech, Moderna и Johnson & Johnson работат на вакцини кои конкретно ќе го таргетираат омикрон, доколку постоечките се покажат неефикасни против оваа нова варијанта на коронавирусот, велат компаниите.

Појавата на новата варијанта предизвика глобален одговор, бидејќи во страв дека таа би можела побрзо да се шири дури и меѓу вакцинираните, владите воведуваат забрани за патување и други мерки, пренесуваат агенциите.

BioNTech објавил дека започнал да работи на вакцината против омикрон заедно со партнерот Pfizer.

Johnson & Johnson, исто така, ја анализираат ефикасноста на својата вакцина, додека работат на специфична вакцина за таа варијанта.

„Почнавме да работиме на дизајнирање и развој на нова омикрон вакцина и доколку е потребно, брзо ќе започнеме со клинички испитувања“, рече Матаи Мамен, директор за развој во таа фармацевтска компанија.

За Moderna може да потрае неколку месеци пред да започне да испорачува вакцина што делува против варијантата омикрон, изјавил извршниот директор Стефан Бансел за CNBC, додека Русија е убедена дека нејзината вакцина Спутник V е ефикасна против новата варијанта.

Бансел во интервју за CNBC изјавил дека сè уште не е позната ефикасноста на вакцината против таа варијанта и дека треба да се знае повеќе за околу две недели.

„Институтот Гамалеја верува дека Спутник V и Лајт ќе го неутрализираат омикрон бидејќи тие се најефективни против другите мутации“, рече Кирил Дмитриев, шеф на рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој е задолжен за извоз на вакцината во странство.

„Доколку е потребна модификација, што е малку веројатно, до 20 февруари 2022 година ќе обезбедиме неколку стотици милиони бустер дози на Спутник против омикрон“, напишал Дмитриев на официјалниот Твитер профил на Спутник V.