Ferrari Enzo – најскапиот онлајн продаден автомобил

57

Еден од вкупно 400-те произведени примероци на Ferrari Enzo е продаден преку онлајн аукција за 2,64 милиони долари.

Суперспортскиот претходник на моделот LaFerrari, Ferrari Enzo, произведен е во само 400 примероци од кои последниот произведен примерок италијанската автомобилска компанија му го подари на папата Јован Павле Втори, а еден од 399 примероци новиот сопственик го доби на онлајн аукција организирана од страна аукциската куќа RM Sotheby’s.

Официјалната процена на вредноста изнесуваше меѓу 2,6 и 2,9 милиони долари, но темата е нешто сосема друго. Имено, новиот сопственик за овој Ferrari Enzo издвои 2,64 милиони долари, што е најголемиот износ остварен на аукција исклучиво преку дигитален канал, односно преку онлајн продажба. Со тоа, овој Ferrari Enzo е најскапиот онлајн продаден автомобил, надминувајќи го рекордот на еден друг Ferrari модел, 288 GTO од 1985 година којшто беше продаден за 2.310.000 долари минатиот петок.

Примерокот со број на шасија 133033 е произведен во 2003 година и минал само 2.012 километри. Меѓу интересните детали на понудениот суперспортски двосед на Ferrari кој е наречен по основачот на славната италијанска автомобилска компанија се двобојните тркачки седишта кои за својот Enzo ја нарачале само првите неколку сопственици.

Наследникот на моделот F50 се напојува со 6,0-литарски атмосферски V12 мотор кој развива 660 КС и 657 Nm максимален вртежен момент за чија дистрибуција на задната осовина е задолжен шестстепен автоматски менувач F1, а со уникатната звучна подлога автомобилот од нула до „стотка“ стигнува за нешто повеќе од три секунди, додека максималната брзина изнесува 350 километри на час.

Преземено од Avtoplus.mk