Fiat 500 ја доби и својата 3+1 варијанта

109

Како што беше очекувано, Fiat ја претстави и третата каросериска изведба за својот нов 500 електричен автомобил, наречен 500 3+1

По светската премиера на новиот 500 кабрио во март и новиот 500 хечбек во јуни, Fiat сега конечно ја прикажа и најпрактичната варијанта на својот електричен градски автомобил. Најкарактеристичниот додаток кај Fiat 500 3+1 е додатокот на мала задна врата на совозачката страна.

Од Fiat велат дека новиот модел ќе им биде од помош на мајките или татковците кои работат и имаат едно или повеќе деца. Со истите димензии како Fiat 500 хеч и кабрио, 3+1 варијантата добива мала врата која се отвора спротивно и го прави пристапот до задните седишта многу полесен, особено со оглед на тоа дека нема столб меѓу двете врати. За безбедносни причини, задната врата може да се отвори единствено кога предната врата е веќе отворена.

Fiat вели дека 500 3+1 додава само 30 килограми на тежината на 500 хечбек, без никаков ефект врз управливоста или потрошувачката на гориво. Како што е случајот и со другите две каросериски изведби, новиот Fiat 500 3+1 ќе биде лансиран со добро познатата La Prima Opening Edition. Ќе биде достапен во три бои – Rose Gold, Glacier Blue и Onyx Black. Fiat 500 3+1 La Prima пристигнува со фул LED фарови, двобојни 17-инчни тркала и хромирани инсерти на прозорците и страничните панели.

Во внатрешноста седиштата, централната конзола и управувачот се обложени со еко-кожа. Fiat монограм е поставен на седиштата, а управувачот е во двобоен финиш, додека ексклузивна La Prima плакета се наоѓа на конзолата. Автомобилот исто така го добива и новиот UConnect 5 инфозабавен систем со 7-инчен TFT екран, 10,25-инчен екран на допир со NAV, DAB Radio, бежични Apple CarPlay и Android Auto, Uconnect Box и бежичен полнач за телефони.

Fiat најави три нивоа на електричен погон

Кога станува збор за електричниот погон, Fiat најави базичен Action модел кој содржи 23,8 kWh литиум-јонска батерија која го напојува електромоторот од 95 КС. Од нула до „стотка“ се стигнува за 9,5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 135 километри на час. Овие модели нудат автономија од повеќе од 180 километри според WLTP. Fiat 500 Action е опремен со 50-kW брз полначки систем кој ја полни батеријата со околу 50 километри опсег за помалку од 10 минути.

Fiat 500 Passion со среден опсег и 500 Icon кој е на врвот добиваат поголема 42 kWh батерија која го напојува електромоторот од 118КС и 220 Nm. Од нула до „стотка“ стигнуваат за 9 секунди, а максималната брзина е ограничена на 150 километри на час. Многу поважно, опсегот изнесува 320 километри. 85-kW брзото полнење доаѓа како стандард, овозможувајќи и на батеријата да достигне до 80 проценти за 35 минути, или 50 километри за околу пет минути.

Цените во Италија за Fiat 500 почнуваат од 19.900 евра за базичниот Action модел со малата батерија, вклучително и 6.000 евра субвенции.

Преземено од Avtoplus.mk