Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

13

fitch-ratings

Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на “ББ+” со стабилна перспектива. Како главни предности на македонската економија кои придонесуваат за оценката, истакнати се макроекономската политика и условите за водење бизнис, стои во соопштението на Министерството за финансии.

Потврдата на рејтингот се должи на високиот раст на БДП од 3,9% во првиот квартал годинава, во голема мера потпомогнат од растот на градежништвото и јавните инвестиции.

Фич прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5%, а забележано е и намалување на невработеноста.

Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, Фич оценува дека во тек се големи инфраструктурни проекти кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата.

Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, забележан е раст на извозот. За можноста за формиранње на слободни финансиски зони, Фич наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции.

Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви, забележува агенцијата.

Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и дека најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.

Кредитната агенција Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија.