Првиот национален натпревар за Microsoft Office Specialist, организиран од страна на Certiadria, за којшто имаше голем интерес од учениците и студентите ширум земјата, стигна до својата финална фаза.
“За учество на овој натпревар се пријавија 1.430 кандидати кои полагаа 1.960 тестови за Microsoft Office апликациите, односно Word, Excel и PowerPoint, од MS Office 2010 или MS Office 2013. Ова е показател дека повеќето учесници покажаа интерес да учествуваат на натпреварот со полагање на повеќе од еден тест, со што си ги зголемуваат шансите за постигнување повеќе високи резултати кои ќе ги одведат во финалниот натпревар. Сите учесници кои ги положија тестовите се стекнаа со глобално признаени и трајни сертификати како потврда на знаење на MS Office апликациите од Microsoft, кои во иднина можат да им послужат за полесно продолжување на образованието и во наоѓањето на работа“, стои во соопштението.
Најдобрите 45 учесници, кои успеаја да ги постигнат највисоките резултати во текот на натпреварот, на 28-ми мај ќе се натпреваруваат за многу вредни награди во финале. Домаќин на финалето е iBank, концептуалната филијала на Стопанска Банка АД – Скопје, која целосно ја покрива главната награда на шампионот, патување на светскиот финален натпревар во Дизниленд во Орландо, Флорида, каде што ќе се претстави себеси и ќе ја претставува Република Македонија. Тестовите за одржување на овој натпревар ги овозможија Град Скопје и Општина Струмица, додека во организацијата на натпреварот учествуваат Семос Едукација, Microsoft Македонија и Здружение на информатичарите на Македонија.