Финални презентации на натпреварот за избор на најдобра бизнис идеја во Тетово

37

usaid

Во просториите на Ректоратот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, денеска се одржаа презентациите на финалистите на натпреварот за избор на најдобра бизнис идеја. На настанот беа презентирани трите најдобри бизнис идеи кои беа селектирани од страна на жири комисијата на натпреварот.

Пред присутните се обратија проф. д-р Стефан Ќиричи, декан на Факултетот за Бизнис и Економија на Универзитетот и Санела Шкријелј, надворешна советничка на Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи.

Натпреварот беше организиран од Факултетот за бизнис и економија на Универзитетот на Југоисточна Европа, во соработка со Фондот, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Здружението за локален рурален развој. Главната цел на натпреварот беше да ги стимулира младите да ги развијат своите иновативни идеи во бизнис модели и планови и да ги награди најдобрите со тоа што ќе им го овозможи започнување на сопствен бизнис со мал неповратен грант од 3.000 долари.

“Младите се креативниот двигател на општеството и клучната алка во остварувањето на оддржлив развој…”, изјави Санела Шкријелј, надворешна советничка на Фондот. Таа дополни: “Негувањето на претприемачкиот дух на младите не значи само помош во започнување на нов бизнис туку создавање на култура која ќе стимулира нови идеи, нови видици и нови можности за целото општество.”

Досега, во Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи се вложени 120.000 долари, добиени како донации од странски донатори, како УСАИД и Швајцарската Влада, но и домашни компании како Еколог -Тетово, Фриготехника, Ас – Мобеланд и Универзал Ауто Партс, како и општините Тетово и Боговиње.

Средствата во Фондот се користат за да се поддржи растот на малите бизниси во сопственост на жени и млади во Полог. Фондот дава мали грантови на овие бизниси, со кои тие се прошируваат, ги зголемуваат своите приходи и отвораат нови работни места. Повеќе од 15 мали бизниси веќе имаат добиено грантови преку Фондот во текот на изминатите две години.