FMCG Самит – заедно го унапредуваме секторот

37
naslovna
Верица Мартиновска, главен и одговорен уредник на InStore, организатор на вториот FMCG Summit во Македонија

По успешниот прв FMCG (Fast – moving consumer goods) самит во Македонија или Самит за трговија со стоки за широка потрошувачка што се одржа минатата година, регионалниот магазин за трговија со стока за широка потрошувачка InStore и оваа година ја продолжува мисијата за обединување и унапредување на трговскиот сектор. На 13-ти мај, во хотелот Александар палас, InStore на едно место ќе ја собере лидерската елита на трговскиот сектор во земјава.

Програмата на вториот FMCG самит во Македонија ќе понуди домашни и регионални приказни на тема: лидерство, менаџмент со категории (category management), преговарање и продажба, промоции и приватни трговски марки. Ќе се одржат презентации, истражувања, тркалезна маса – чија цел е инспирација, едукација, размена на идеи и целодневно дружење на учесниците на самитот.

Повеќе за Самитот, зборуваме со уредникот на InStore, Верица Мартиновска.

БИ: FMCG самитот е единствен настан кај нас посветен на овој сектор. Како и кога се детектираше потребата за да се соберат сите компании од секторот на едно место?

InStore е регионален трејд магазин, кој во Македонија се издава веќе пет ипол години. Уште на почетокот на нашето работење ја увидовме потребата од собирање на предводниците на секторот на едно место, меѓутоа, потребно беше време за своевидно созревање – и од наша страна, а и на самиот пазар, за да се случи еден ваков настан. Во Македонија за прв организиравме FMCG  самит минатата година, дополнително поттикнати од неколкуте FMCG самити што ги организираа нашите колеги во регионот.

БИ: Преку InStore имате постојана комуникација со производителите, дистрибутерите, трговците од секторот… Како ја оценувате состојбата на овој сектор кај нас? Можете ли да направите споредба со регионот?

Во FMCG секторот промените понекогаш настануваат, така речено, со брзина на светлината. Така е во светот, така е и кај нас. Станува збор за продажба на брзообртна стока која секој ден се зема од полиците на маркетите и секој ден со неа се полнат истите тие полици. И во целата таа брзина производот мора да се бори за вниманието на потрошувачот. А потрошувачите, како што гледаме, од ден на ден ги менуваат своите навики, стекнуваат нови и тоа производителите мора да го следат во чекор ако сакаат да бидат конкурентни. Од тој аспект, промените на навиките на македонскиот потрошувач соодветствуваат на промените што ги трпат потрошувачите во регионот и во светот. Меѓутоа, кај нас, поради тоа што сме многу мал пазар, се забележува инертност на компаниите во одговорите на овие промени – и на мултинационалните, и на регионалните и на домашните. Затоа, еден ваков настан е вистинска можност за „размрдување“ на таа инертност, со истакнување пред целиот сектор на лидерските примери на компаниите кои се предводници во внесување промени и иновации на пазарот.

vericaБИ: Зашто е важно за компаниите да бидат дел од овој самит, односно, кои се целите што заеднички со нив сакате да ги постигнете?

Токму тоа „размрдување“, односно придвижување напред. Сите ние работејќи влегуваме во некоја наша шема, рутина, претрупани сме со обврски и во една таква ситуација на постојано работење во цајтнот, претежно сме принудени да работиме шаблонски, затоа што тоа е најбрзото работење. Имајќи го тоа предвид, FMCG самитот има цел да поттикне излегување од рутината во секоја смисла. На самитот имаме еминентни говорници, генерални директори на големи регионални и македонски компании, претставници на врвни истражувачки компании, консултанти со искуство поголемо од 20 години во овој сектор. Тие ќе го споделат своето знаење со сите присутни, па секој присутен сигурно ќе се инспирира од одредена презентација и ќе се врати на работното место мотивиран и со нови идеи за унапредување на своето и на работењето на компанијата. И, на крај, тука сме и за да се дружиме.

БИ: Програмата за FMCG самитот е богата и динамична. На кој начин ги одбравте темите и како се досега прифатени од професионалците од овој сектор?

Говорниците на годинешниот самит се поделени во пет групи, на пет теми: лидерство, category management, продажба, промоции и приватни трговски марки. Ова се теми што ги тангираат сите вработени во овој сектор, односно сите компании. Лидерството е неминовна тема ако сакате да инспирирате и мотивирате. Претставувајќи ги своите примери, лидерите пренесуваат енергија за одење напред. Category management, промоции и продажба се три аспекти од работењето во овој сектор кои ниту една компанија што сака растечки резултати во своето работење не може да ги прескокне – како да се позиционира производот на полица и како да се промовира за купувачот да дојде до него е клучно за да се продаде тој производ. И, на крај, приватните трговски марки се исто така тема што ги засега двете главни страни во трговијата – и тие што произведуваат и тие што продаваат, односно и производителите и малопродажбата/трговците. Станува збор за производи што забележуваат голем пораст на продажбата во светот и во регионот, особено во период на (пост)кризна светска состојба, кога потрошувачите внимаваат на секој потрошен денар.

БИ: Минатата година, иако организиран за првпат, FMCG самитот собра над 80 компании и повеќе од 250 учесници. Какви се очекувањата за оваа година и дали можеби и компаниите кои не се директно поврзани со FMCG препознаваат простор за своја презентација?

Да, минатата година самитот го посетија многу претставници од компании и имавме еден навистина одличен ден, што се надеваме дека ќе се повтори на 13 мај. Секако, нашата летвичка е крената и очекуваме уште поголема посетеност, затоа што содржината на програмата е навистина квалитетна и затоа што секој што планира сериозно да работи во овој сектор, мора да ги следи трендовите на пазарот и мора да биде дел од настанот. Истото тоа важи и за сите придружни дејности на секторот трговија со стока за широка потрошувачка, чие работење е директно поврзано и/или зависи од функционирањето на трговскиот сектор.

FS_FB_851x315px_4-580x215

БИ: Посветеноста на FMCG секторот значи и континуирана комуникација, следење на промените и новите трендови во секторот, но и развивање на чувство за согледување на потребите на компаниите во овој сектор. Во оваа насока се и интерактивните бизнис конференции – Talk IN Business. Како овие конференции се поврзани со FMCG самитот и како се воопшто прифатени од страна на компаниите?

Овие „мали“ конференции почнавме да ги планираме веднаш по успешно завршениот самит минатата година. Додека пристигаа пофалби за врвната организација, увидовме колку многу на луѓето од секторот им недостасувал таков настан и колкава е потребата за почесто собирање на компаниите на едно место. Така, во контекст на тематските додатоци што ги правиме секој месец во магазинот Instore, кои се фокусираат на една категорија на производи (млечни производи, кондиторија, безалкохолни пијалаци итн), решивме да правиме месечни тематски конференции, на кои ќе ги поканиме претставниците од компаниите што работат со дадената категорија, маркетите и истражувачките агенции. На Talk IN Business конференциите се претставуваат истражувања за категоријата, со што се согледува моменталната ситуација на пазарот низ бројки, се презентира потенцијалот на пазарот и на крај преку работни дискусии се разменуваат ставови и искуства и се сумираат заклучоците.

И Talk IN Business и FMCG самитот се во истата линија – собирање на сите засегнати страни од FMCG секторот на едно место, со цел подигнување на работењето на повисоко ниво и фаќање чекор со регионалните и светските трендови. Тоа е мисијата и на самиот магазин InStore.