Фондацијата е-Македонија обезбеди 8.000 евра за отворање две нови е-училници

22

t mobile 123

Фондацијата е-Македонија, основана од Македонски Телеком, распишува повик за прибирање на барања за поддршка на проекти преку кои на социјално загрозените граѓани ќе им се овозможи бесплатно да стекнат основни познавања за работа со компјутери.

Доставените барања за поддршка од страна на Фондацијата треба да се однесуваат на отворање на е-училница, кадешто целната група ќе научи да работи со компјутери (Word, excel и сл.), ќе се здобие со знаење за предностите на Интернетот, електронска пошта и сл.

Фондацијата е-Македонија обезбеди фонд од 8.000 евра за отворање на две нови е-училници. Поточно, Фондацијата обезбедува целосно или делумно финансиски средства за отворање на секоја е-училница, но и техничка поддршка со опрема за реализација на настава, како и интернет конекција за целосно функционирање на опремата.

Заинтересираните организации пак, коишто ќе аплицираат за отворање на е-училници, имаат обврска да обезбедат локација за одржување на наставата и обучувачи. Проектите коишто ќе се поддржат од страна на Фондацијата, ќе бидат избрани според придонесот за подобрување на знаењето за работа со компјутери на социјално изолираните групи, времетраење на проектот, досегашно искуство во реализација на слични проекти, вклученост на стручни лица во проектот итн.

Заинтересираните организации можат да се пријават за поддршка на своите проекти  преку апликација којашто е објавена на веб страницата на Фондацијата www.e-makedonija.org.mk. Пополнетата апликација треба да се испрати на kontakt@e-makedonija.org.mk. Повикот за аплицирање ќе биде отворен до 26 јуни, а обуките на граѓаните ќе се реализираат во периодот од септември-декември 2015 година.

Фондацијата е-Македонија го започна проектот е-Училници во 2012 со цел да им овозможи на социјално загрозените граѓани бесплатно да дојдат до основни познавања на работа со компјутери. Преку овој проект досега се едуцираа околу 400 граѓани од Република Македонија, а сè уште е активна е-училницата во Радовиш.

Целта на проектот е-Училници е да им се понуди на социјално загрозените лица пристап до информации, социјална интеракција, подобрување на образовните стандарди и нивоата на вештини, а со тоа промовирање на можностите за вработување. Истовремено, идејата на Фондацијата е-Македонија е да се создаде сеопфатно дигитално општество, во кое сите можат да ги истражуваат можностите и придобивките од новите технологии, да имаат слободен пристап и да споделуваат информации и услуги, како и да можат да учествуваат во заедницата на поефикасен начин.