Форд е препознатлив по квалитет, мала потрошувачка и достапна цена

403
srgjan
Срѓан Ставревски Миновски, маркетинг менаџер на Форд Македонија

Електричните возила се нешто што сигурно ќе дојдат, но тоа нема да биде брзо. За тоа е потребно и посебно инфраструктурно решение, а важен фактор е и нивната висока цена

БИ: Ми-Да Гранд Моторс е овластен импортер, дистрибутер и сервисер на возилата од програмата Форд во Република Македонија и работи како партнер со израелската компанија Grand Automotive, која е присутна во повеќе земји на Балканот. Колку модели од гамата на Форд се достапни за македонските клиенти?

Ми-Да на пазарот е присутна повеќе од 25 години. Ми-Да е бренд, една долга приказна во автоиндустријата во Македонија. Од јануари 2012 станавме стратешки партнери со израелската компанија Grand Automotive и можам да кажам дека сме од витално значење за групацијата во регионов. Во времето на транзицијата од Ми-Да Моторс во Ми-Да Гранд Моторс, 2011 – 2012 година фордот некако беше запоставен, но сега полека почнуваме да испливуваме на површината и да бидеме поприсутни на пазарот. Засега продаваме девет модели од патничката гама на форд, а следната година планираме да ја надополниме понудата со нови модели.

salon

БИ: Кој е најпродаван и најпопуларен модел на форд меѓу македонските возачи?

Според некои статистики, годинава во земјава севкупно ќе бидат продадени околу 4.000 нови возила, што реално е малку во споредба со 2008, која беше една од најдобрите години за автомобилската индустрија во Македонија и кога беа продадени 17.000 нови возила. Од тогаш наваму, откако фати кризата, но и се олесни увозот на половните автомобили, има драстичен пад во продажбата на нови автомобили.

Ми-Да Гранд Моторс генерално има околу 7,8% пазарен удел. Гледано по сегменти, кога станува збор за мали возила, нашите клиенти се одлучуваат за Ford Fiesta, кога се ориентираат кон компакт возило го бираат Ford Focus, а кога бараат нешто поголемо, се ориентираат кон Ford Mondeo. Тоа се нашите три водечки модели од гамата на патнички возила. Кога зборуваме за комерцијалните возила, клиентите се одлучуваат за реномираниот Transit, како и за помалото товарно возило Fiesta Van.

srgjan 1Форд генерално е автомобил за народот, повеќенаменски е и има модел за секој тип на клиент. Ford Mondeo, како и Ford S-Max нудат можност да одите на пат со големо, комотно и безбедно возило. Ford B-Max е повеќенаменско урбано возило, Ford Focus е градско возило кој исто така може да излезе и на пат и ја имате Ford Fiesta којашто е урбано возило. Целта на Форд е на народот да му биде достапен квалитетен, доверлив автомобил, со многу ниска потрошувачка, по многу поволна цена. Токму поради тоа сега ја имаме акцијата Дизел е во тренд, за да можеме да им дозволиме на купувачите да се одлучат за добар автомобил, по многу поволна цена. Според нас, трите основни работи кои одлучуваат при купувањето на ново возило се квалитет, мала потрошувачка и достапна цена и ние тоа им го нудиме на потрошувачите.

БИ: Во Германија годинава почна да се произведува Focus Electric. Во Европа и во САД е во подем продажбата и производството на електрични автомобили. Каде е Македонија во тој поглед?

Од гамата на Форд Европа, кој спаѓа под глобалната политика One Ford, достапен е само Focus Electric, кој се произведува во Сарлуи, Германија. Моментално е прв електричен автомобил на Форд Европа кој е во масовно производство. За жал, тој нема да биде адекватен за овој пазар поради неговата голема почетна цена. Самата технологија која стои зад него ја крева цената и автоматски го прави неатрактивен за овој пазар. Кај нас, што би се рекло, нема математика за ваков автомобил. Кога би се донел овој модел во Македонија, би чинел можеби преку 50.000 евра. Тоа е компакт класа, во која дизелот чини 14.000 евра. Сега, колку и да е економичен електричниот автомобил, разликата е голема. Електричните возила се нешто што сигурно ќе дојдат, но тоа нема да биде брзо. За тоа е потребно и посебно инфраструктурно решение, специјални полначи под висок напон за да може што побрзо да наполни батеријата, има многу пречки што треба да се решат за да може тој тип на возила да се донесат во Македонија.

FocusElectric1

БИ: Форд неодамна презентираше технологија за паркирање без возач…

Тоа е еден проект што допрва треба да се комерцијализира. По проектот за паралелно паркирање, Форд го направи овој систем да може автомобилот директно да се паркира со предниот или задниот дел без возач. Користи радарска технологија каде што го мери просторот дали ќе го собере автомобилот и ги одредува параметрите. Во принцип фордовата директива е да се фокусира на технологија и има бројни паметни и практични иновации. На пример, таква е Ford Sync технологијата. Aко дојде до несреќа, ако се активира некое од воздушните перничиња или ако се отсече дотокот на гориво, системот автоматски преку bluetooth ги повикува итните служби. Тој систем е направен и да му асистира на возачот од секој можен аспект. На пример, има опција да ви ги прочита текстуалните пораки на глас. Дел од него е и навигациониот систем. Проблем е само јазичната бариера, затоа што овие команди се направени за големите пазари, на француски, англиски и руски јазик, а македонска поддршка не е достапна. Ова е причината зошто овие типови на технологија споро доаѓаат до израз и не се толку атрактивни кај нас, затоа што ние сме мал пазар. На големите индустриски производители не им е исплатливо да посветат толку време и работа за некои 1.000 – 2.000 возила што би ги продале.

Ford-Fiesta-Titanium-1.0-EcoBoost-599x370Од аспект на моторна технологија, Форд развива нова генерација на мотори, EcoBoost мотори. Новата генерација на овие 1.0 литарски трицилиндрични мотори со турбо полнач е многу економична, направен по ригорозни CO2 стандарди. Овој мотор испорачува 109 грама CO2 на километар, значи е еден од најзелените мотори со ултраниска потрошувачка, само 3,5 литри безоловно гориво на 100 километри, додека испорачува меѓу 100 и 125 КС. Овој мотор е и многу лесен, со што се намалува тежината на возилото. Од аспект на технолошки иновации е најдоброто нешто што Форд го има направено и ќе има добар пласман и добра иднина на овие пазари. Достапен е на повеќе платформи на возила, за Fiesta, B-Max, Focus, C-Max, а наскоро ќе се лансира и на Mondeo. Затоа сакаме да го пласираме на нашиот пазар, затоа што почетната цена е многу ниска за разлика од дизелот, а потрошувачката е многу блиска до дизелот. Многу економичен мотор во моќно пакување.

БИ: Дали сте имале случај на сериско повлекување на возила?

servis 1До сега во Македонија сме немале таков вид на драстично повлекување на возила, каде на сопственикот би му било одземено возилото поради тоа што не е исправно за да биде активен учесник во сообраќајот. Тоа што ние имаме како дел од фордовата контрола на квалитет се редовни теренски сервисни акции. Форд следи кои делови се најчувствителни на дефекти и кога ќе го изолираат проблемот, прават акција во која ние како овластен дистрибутер на Форд треба да ги контактираме сите сопственици на одредениот модел за кој сме добиле инструкции, да дојдат да се смени компонентата на наш трошок, за да не дојде до проблем. Тоа е превентивно, не чекаме да се случи проблем за да се реагира.

БИ: Какви новитети подготвувате за во иднина?

Моментално сме веќе во една кампања, Дизел е во тренд, која ќе потрае одреден период, најверојатно до крајот на годината, а за понатаму сигурно ќе имаме акции и промоции за потенцијалните клиенти на Форд. За веќе постоечките клиенти имаме сервисни акции кои ги објавуваме на интернет страната. Постојано правиме различни сезонски пакети за пост-продажни активности, за оние што си ги одржуваат фордовите во добра состојба да можат тоа да го направат по најповолна цена.