Форум за надминување на бариерите за инвестиции во обновливи извори на енергија

24

Форум на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија се организира денеска во Стопанската комора на Македонија. Овој форум е организиран во соработка со проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија.

Најчестите бариери, како што беше нотирано, за инвестиции во обновливите извори се бавното издавање на лиценци и долгата процедура за трансформација на земјиштето.

“Целта на форумот е да се создаде нов механизам на дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и да се зголеми транспарентноста и инклузивноста во областа на обновливите извори на енргија. Идејата е на исто место да седнат сите чинители, но и засегнати страни или поточно кажано јавниот сектор преку претставници од релевантните институции во областа на обновливи извори на енергија (ОИЕ), потоа приватниот сектор преку Групацијата на производители од ОИЕ при Стопанската комора, академската заедница и невладиниот сектор, и да дискутираат за подобрување на легилсативата и регултивата, но и на праксата за одредени процедури во делот за инвестиции во областа на ОИЕ“, рече Самир Латиф, директор на проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија.

Директорот на Агенцијата за енергетика, Александар Дуковски, рече дека Агенцијата активно работи на отстранувањето на пречките и бариерите и на подобрување на легислативата за инвестирање во обновливите извори на енергија и дава насоки и идеи како тоа може уште поефикасно да функционира.

Вкупно инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија во Македонија во 2013 година изнесувал 1.953,23 мегавати од нив 2,34% отпаѓаат на мали хидроелектрани, а 0,37% на фотоволтаични електрани. Од сопствено производство се обезбедени околу 70% од потребите за електрична енергија, а останатото е од увоз. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во 2013 година изнесувала 6,9 терават часови, од кои 2,57% се обезбедени од малите хидроелектрани, а 0,11% од фотоволтаичните електрани. .

На електро – енергетската мрежа во моментов се вклучени 27 мали хидроелектрани и 35 фотоволтаични електрани.