Можностите за подобрување на правната рамка и нејзината практична имплементација во сферата на обновливите извори на енергија се тема на првата средба на Форумот на чинители и засегнати страни.
Форумот е во организација на Групацијата на производители од обновливи извори при Стопанската комора на Македонија во соработка со Меѓународната Финансиска Корпорација – ИФЦ и Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија, а ќе се одржи денес во Скопје.
Настанот има за цел да се соберат на едно место сите чинители и засегнати страни од јавниот, приватниот и невладиниот сектор и да се презентираат и дискутираат актуелни теми и проблеми во областа на обновливите извори на енергија.
Свои обраќања на средбата ќе имаат директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија Џејмс Стајн, министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаким Адеми, претседателот на Групацијата на производители на енергија од обновливи извори, Кочо Анѓушев и раководителот на Балканската програма за обновливи извори на енергија за Балканот на ИФЦ, Небојша Арсенијевиќ.