Франција да истражи зошто Скајп не е пријавен како оператор

96

skajpФранцускиот регулатор за поштенски и телекомуникациски сообраќај Arcep објави дека го информирал правосудството за можен пропуст на комуникацискиот софтвер Скајп да ја исполни својата обврска да се пријави како комуникациски оператор во Франција, јавува Ројтерс.

Arcep соопшти дека побарал неколку пати од Скајп да се декларира како електронски комуникациски оператор, но компанијата досега не го сторила тоа.

“Ангажирањето во бизнисот на електронски комуникации, особено обезбедување на телефонски услуги за јавноста, подразбира согласност со одредени обврски, кои вклучуваат пренасочување на итни повици преку рутери. Непочитувањето на оваа обврска е кривично дело”, вели регулаторот.

“Поради тоа што Скајп им овозможува на корисниците да разговараат на фиксни и мобилни броеви во Франција и во светот, има обврска да овозможи итни повици, како и правно следење на повиците кога тоа ќе биде побарано од нив”, додаваат.

Корисниците на Скајп, кој во 2011 година го купи Мајкрософт, можат да разговараат аудио или видео бесплатно или по многу ниска цена преку интернет, користејќи компјутери, смартфони или таблет уреди, не користејќи ги мрежите на фиксната телефонија.

Од Мајкрософт изјавија дека го делат својот став со француските власти “дека Скајп не е провајдер на електронски комуникациски услуги под францускиот закон” и дека тие “ќе продолжат да работат со Arcep на конструктивен начин”. Портпаролот на Мајкрософт во Брисел, Робин Кох, одби дополнително да коментира.