Франшизата е алатка за ширење на успешни бизнис концепти

326
11
Љиљана Кукец, претседател на хрватско Здружение за франшизно работење

Во светот, околу 50% од малопродажбата оди преку франшизи. Франшизите се присутни во околу 80 индустрии, а нова франшиза се отвора на секои неколку минути (две во САД, шест во Европа). Франшизата е алатка за раст и ширење на бизнисот и е генератор за нови вработувања.

Повеќе на оваа тема разговаравме со Љиљана Кукец, претседател на хрватското Здружение за франшизно работење, франшизер и сопственик на компанијата Body Creator.

БИ: Што е франшиза?

Франшиза е клонирање на успешни бизнис концепти од едно на друго место. Некои велат дека тоа е копирање на успехот. Посериозна дефиниција би била дека франшиза е соработка на два правни субјекти, две компании, на успехот на еден ист бизнис. Тоа е најважно. Работата да е иста, името да е исто, сите процедури, политиката на работење, сè е исто, а всушност се двајца, тројца, четворица сопственици. Еден е давател, сите останати сопственици се приматели на франшизата, но сите работат во интерес на градење на бизнисот.

БИ: Кои се предностите, а кои се слабите страните на франшизното работење?

Франшизното работење е многу добра алатка за ширење на успешни бизнис концепти. Од аспект на давател, ако сум направила добар бизнис и во еден момент на мојот раст одлучувам дека немам средства, луѓе, време сама да го ширам својот бизнис на територија што не ја познавам, еден од начините да се шири бизнисот е преку франшиза. Кога зборуваме за компанија што се шири преку франшиза, основните три ресурси се пари, време и вработени кои ширењето ќе го спроведат во дело. Овие три работи ви ги дава купувачот на франшизата. Тој вложува пари во вашиот бизнис, тој е најмотивиран и вложува време во ширење на бизнисот. На крајот секогаш се работи за препознатливост на брендот, а колку брендот е почест и попрепознатлив, толку и примателот и давателот на франшиза ќе имаат поголема корист од целата приказна. Со препознатлив бренд, примателот на франшизата може да дојде до подобра локација. Кога влегува во франшиза, примателот го добива целото знаење, но најголема предност за примателот е тоа што влегува во веќе успешен бизнис и што има кој да му каже како да работи.

Секако, секоја паричка има две страни, па така и франшизното работење. За давателот на франшиза, лоша страна би можело да биде тоа што сепак на некој начин губи контрола над некоја територија. Во франшизното работење, другата компанија што ја зема франшизата може, но и не мора да го слуша франшизерот. Проблем е и што при продажба на франшизата, мора да го дадете комплетното know-how. Да ги дадете сите тајни на работењето на други луѓе, кои имаат најдобри намери, но и не мора да е така. Постои одредена можност некој тоа да го злоупотреби, да го тргне вашето име и да почне да работи под свое, па следуваат долги судски процеси… За другата страна, за купувачот, маана е тоа што имате некој што цело време ве следи, ве снима… Дали можете карактерно, психолошки да го поднесете тоа, треба убаво да се размисли. Не можат сите да издржат да работат во затворен систем.

2

БИ: Што сè влегува во пакет при купување на франшиза?

Во франшизниот пакет влегува брендот, односно марка, процедурите за работа коишто мораат да бидат во пишана форма. Сите претприемачи што сме тргнале од нула, сите имаме идеи во глава, но ги немаме на хартија. Не е лесно сè да се стави на хартија, но мора да се направи, затоа што не можете да го пренесете поинаку тоа што го имате во главата. Така на тој што му го пренесувате знаењето, преку обука, тренинг, прирачници, ќе може да прочита кога ќе “запне”. Во пакетот спаѓаат и франшизниот договор, некои други правни документи за намера на купување, политиката на работење, маркетинг, како и постојано советување во текот на работата. Давателот на франшизата секогаш мора да биде присутен, не само за да ја следи работата на примателот на франшизата, туку да му помогне во даден момент. Кога зборуваме за име или марка, во пакетот мора да оди и заштита на интелектуална сопственост.

БИ: На колку години се склучуваат договорите за купување франшизи? Има некаков утврден рок?

Франшизата всушност не се продава, туку се издава, затоа што има временско ограничување. Најчесто тоа е пет години, со право на продолжување. Често примателите на франшизи знаат да ме прашаат што ќе се случи по пет години, таман ќе го развијам бизнисот и договорот истекува… Давателот ќе биде пресреќен да може да го продолжи договорот на уште пет, па уште пет години, затоа што е тешко да се најде добар примател на франшиза. Услов е однапред во договорот да биде одредено колку чини продолжувањето, затоа што продолжувањето си има цена. Во некои франшизи нема, туку се продолжува автоматски, некои бараат по пет години повторно да се преуреди некој простор, да се инвестира во нова опрема…

БИ: Која е разликата меѓу франшиза и лиценца?

Претпоставувам правниците ќе знаат точно да одговорат на ова, но онака, лаички речено, разликата е во тоа што лиценцата најчесто се врзува за некакво производство. Границата е многу тенка. Франшизата обично е од униформен формат, сите продажни места изгледаат исто, исто се опремени, работат на ист начин итн.

БИ: Колку франшизи работат во Хрватска, имате некакви бројки?

Во Хрватка нема регистар на франшизи. Во Хрватска постојат околу 200 франшизи, а бројката ја добивме со попис што сами го правиме. Регистар на франшизи има само во неколку земји во светот, особено законска обврска на регистрирање. Има Америка, нешто слично има Австралија, Франција и Британија. Регистар задолжителен по закон е многу ретко да има некоја земја. За жал, во Хрватска има само 12% домашни франшизи, а европскиот просек е 76%. Италија има 95% домашни франшизи, Америка има 95% домашни франшизи, а тоа е алатка за ширење на национални бизниси и за интернационализација.